Околу 7.000 пациенти во моментов се на активен третман на Клиниката за радиотерапија и онкологија, додека само минатата година биле дијагностицирани околу 1.000 нови случаи на рак на дојка. Овие податоци беа изнесени на денешниот настан „Појадок со Хема-Онко“, организиран на Клиниката со цел да се разговара за подобрување на онколошката грижа и условите за пациентите.
Директорот на Клиниката, проф. д-р Игор Стојковски, информираше дека во изминатиот период биле воведени нови лекови за пациентите со канцер, особено за оние со рак на дојка, со што е зголемен бројот на пациенти кои добиваат специфичен третман.
Тој посочи дека започнала и децентрализацијата на онколошката грижа, засега преку специјалистичко-консултативна дејност во Градската општа болница „8 Септември“.
„Почнавме нешто делумно да функционира, односно дисперзијата да функционира делумно како консултативно-специјалистичка дејност во Градската општа болница „8-ми Септември“. Продолжуваме понатаму и во годинава, се надеваме и наредната година, онкологот од Скопје да оди во Клиничката болница во Битола. Тоа е што можеме да го направиме за доброто на пациентите и за делумно растеретување на гужвите во Клиниката“, рече Стојковски.
Тој најави дека децентрализацијата треба да се спроведува во неколку фази, а во наредниот период се очекува да започне и функционирањето на дневна болница, во зависност од инфраструктурните услови и подготвеноста на болниците.
„Примарно е безбедноста на пациентите да биде соодветна, значи тоа подразбира покрај кадар и инфраструктура соодветна, да може терапијата да се прима безбедно. Дека е проблем – да, постои“, истакна директорот.
Во однос на времето кое пациентите го поминуваат на Клиниката при примање терапија, Стојковски објасни дека тоа зависи од видот на терапијата, бидејќи различните терапии траат различно долго.
Тој се осврна и на проблемите со доцнењето на терапиите. Според него, Клиниката може да упати укажување до веледрогеријата, односно дистрибутерот, кој е запознаен со последиците што ги предизвикува доцнењето кај пациентите.
Стојковски посочи дека потребите од финансиски средства растат од година во година, главно поради зголемувањето на бројот на пациенти, но и поради подолгото преживување и подолгото траење на терапиите.
„Во однос на институционалната статистика, минатата година некаде ја завршивме со 5.300 нови пациенти од различни локализации. Во принцип расте бројот, значи по 200 до 300 пациенти плус годишно новорегистрирани. А во однос на преваленцата, пациенти што барем еднаш се јавуваат на Клиниката во текот на една календарска година, некаде зборуваме за број околу 20.000 на годишно ниво“, рече Стојковски.
На настанот беше истакната и потребата од подобра координација меѓу различните здравствени центри. Ана Марјановиќ од Здружението „Хема-Онко“ рече дека пациентите инсистираат децентрализацијата да се спроведе на начин што ќе гарантира безбедна, навремена и редовна терапија.
„Не е поентата само да се прима терапијата, туку навистина да обезбедиме дека секој пациент кој нема да биде на Клиниката за онкологија, да ја прима безбедно оваа терапија“, истакна Марјановиќ.
Таа посочи дека една од целите е преку дигитализација и онлајн одлучување мултидисциплинарните тимови да можат да носат одлуки и за пациентите кои терапијата ќе ја примаат во други здравствени центри.
Од оваа година, според Марјановиќ, функционира и тумор-борд, односно мултидисциплинарен тим кој треба да одлучува за понатамошниот тек на лекувањето на секоја пациентка кај која ќе биде дијагностициран рак на дојка.
„Како здружение тоа е нашата цел – пациентите да имаат доволно верба во системот, што се разбира оди многу тешко, меѓутоа се надеваме дека со ваквиот начин на онлајн митинзи и онлајн одлучување ќе постигнеме пациентите да можат да ја примаат, во наредните години, поблиску до домот својата терапија“, рече Марјановиќ.
Таа нагласи дека со зголемувањето на бројот на заболени, истовремено се зголемува и бројот на пациенти кои преживуваат, но остануваат сериозни проблеми со дијагностиката и достапноста на термините.
На проблемот со долгото чекање се пожали и пациент кој се лекува на Клиниката. Тој за медиумите изјави дека за ПЕТ-скен се чека од четири до пет месеци, додека за резултат од компјутерска томографија се чека еден до два месеца, по претходно чекање за самиот преглед.
„Најмногу треба да се чека пет до десет дена. Внатре има 300 луѓе и четворица лекари. За толку болни од рак со четврти степен за кои деновите се изброени, не само болниот и семејството страда. Како може да се купат 300 или 500 автомобили, а само еден ПЕТ-скен да не се купи. Тој не чини милијарда евра“, рече пациентот.
На настанот беше посочено дека подобрата достапност до дијагностика, навремената терапија, растоварувањето на Клиниката и безбедната децентрализација остануваат меѓу клучните прашања за онколошките пациенти.