Нестабилно и дождливо време ја очекува Македонија во наредните денови, со локално пообилни врнежи и можност за невреме. Според прогнозата на УХМР, промената на временските услови започнува од утре под влијание на циклонска активност.
На повеќе места се очекува да наврнат над 20 литри дожд на квадратен метар, а најобилни врнежи се прогнозираат во текот на недела.
Во одредени подрачја временските процеси ќе бидат поинтензивни и ќе бидат проследени со пороен дожд, засилен ветер и грмежи.
Дополнително заладување се очекува во вторник, кога ќе навлезе постуден воздух. Со падот на температурите, на највисоките планини дождот ќе преминува во снег.
Промена на времето се очекува и во Скопје. Од утре до средината на следната седмица ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд.
Во одделни делови од Скопската Котлина врнежите ќе бидат пообилни, а локално може да има и ретки грмежи.
Од понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурите постепено ќе опаѓаат.