Потеклото и начинот на чување на 350.000 евра пронајдени во домот на родителите на апелациониот судија Ѓоко Ристов беа во фокусот на денешното сведочење на неговиот татко Здравко Ристов.
Тој пред судот, исто како и неговата сопруга Донка, тврдел дека парите биле нивни и дека нивните деца не знаеле за нив. Според него, станувало збор за средства што тој и сопругата ги стекнувале и чувале дома.
На прашањето зошто не ги пријавил парите за време на претресот, туку рекол дека ги нема, Здравко Ристов одговорил дека немал доверба во државата.
„На кого да пријавам, немам верба во државата. Сум се мачел за нив со овие 10 прста. Децата не знаеја. Кога им требаше ќе им дадев, ќе ми ги вратат. На полицијата им реков дека се наши, мои и на сопругата“, рекол таткото на судијата.
Тој објаснил и дека парите ги менувал во евра на повеќе места и во повеќе градови. За тоа кој ги чувал и ги ставал парите во ѕидот, посочил на својата сопруга.
„Сопругата. Јас пари не ставав. Таа беше должна. Јас стварав, она ги чуваше. Ако сум им ги дал парите на децата може ќе ги искоцкале, ништо не се знаело“, рекол сведокот Ристов.
На прашањето како на парите не биле пронајдени негови траги, туку траги од неговиот син, тој рекол дека за тоа „немало шанса“.
И Здравко Ристов, како и неговата сопруга, пред судот кажал дека парите ги чувале во домот, а не во банка, бидејќи немал доверба во банките.
Случајот против судијата Ристов произлегува од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија со цел укинување на мерката притвор за Љупчо Пецов.
Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
Против судијата Ристов се води постапка и во врска со 350.000 евра пронајдени при претресот во домот на неговите родители во Неготино. Од Обвинителството соопштија дека парите не биле пријавени и дека нивното потекло не било поткрепено со докази.
Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.