147 пациенти чекаат донатор на бубрег за трансплантација

Списокот на пациенти кои чекаат за трансплантација на органи е долг, но кај нас има малку донатори.

147 лица чекаат донатори на бубрези, 20 за срце, околу 15 пациенти чекаат за трансплантација на црн дроб.

Најалармантна е ситуацијата со луѓето кои чекаат донатор на бубрег. Додека нема, единствено решение за нив сега е дијализата, тежок и долг процес.

Во меѓувреме, најзагрозени се пациентите со механички пумпи за срце. Нова надеж гледаат во новата Влада, дали таа ќе преземе нешто, бидејќи досега неколкупати јавно побараа помош, но нивниот глас не беше слушнат.

Пред неколку години имаше 25 пациенти со механичка пумпа, додека сега останаа многу малку, велат од здружението „Храбро срце“.

Поврзани на механичка пумпа 24 часа на ден, овие луѓе се целосно зависни од батериите што се полнат. Батериите, каблите и струјата им значат живот. Секојдневно се изложени на овој животозагрозувачки ризик и единствена надеж им е трансплантација на срце, нешто што може да се прави само со заложба на Владата.