Шеснаесет пожари на отворен простор се регистрирани во текот на денешниот ден низ земјава до 18:30 часот, информира Центарот за управување со кризи. Од вкупниот број, четири пожари сè уште се активни, два се ставени под контрола, а останатите 10 се целосно изгаснати.
Активни се пожарите во општина Сарај, кај селото Горно Свиларе, каде што гори мешана шума и ниска вегетација, како и во Шуто Оризари, каде што гори отпад.
Пожар е активен и на полигонот Криволак, во општина Неготино, каде што е зафатена сува вегетација. Активен е и пожарот кај селото Ларце во општина Желино, каде што гори ниска вегетација.
Под контрола се ставени пожарот кај селото Белица, на местото „Кајорец“, кој се проширил кон Јасен и зафатил нискостеблеста и мешана шума, како и пожарот на депонија кај селото Пчиња во општина Куманово.
Во текот на денот целосно се изгаснати уште 10 пожари на територијата на општините Бутел, Сарај, Битола, Кривогаштани, Струмица, Радовиш и Брвеница.
Според податоците на ЦУК, во пожарите биле зафатени различни видови вегетација, отпад, депонии и стрништа.