Македонија

185 прекршоци во засилена акциска контрола на мотоцикли, велосипеди и лесни електрични возила

185 прекршоци во засилена акциска контрола на мотоцикли, велосипеди и лесни електрични возила
Фото: 4news.mk

Вкупно 185 прекршоци се констатирани во засилените сообраќајни контроли што МВР ги спроведе вчера низ целата држава, со фокус на возачите на лесни електрични возила, велосипеди, мопеди и мотоцикли.

Контролите, спроведени од Секторот за сообраќајни работи, траеле од 17 до 21 часот, а најголемиот дел од санкционираните прекршоци се однесуваат на некористење заштитен шлем.

Кај возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли биле регистрирани 152 прекршоци. Од нив, дури 120 се однесувале на неносење заштитен шлем.

Дополнително, при контролите на лесните електрични возила биле констатирани 33 прекршоци. Најчесто станувало збор за некористење велосипедска патека, велосипедска лента или патека наменета за велосипедисти.

Најмногу прекршоци од овој вид се регистрирани на подрачјето на СВР Битола – 45, потоа СВР Тетово со 26, додека СВР Велес и СВР Струмица констатирале по 25 прекршоци.

Следуваат СВР Охрид со 20, СВР Штип со 13, СВР Скопје со 12, СВР Куманово со 10 и Мобилната единица за безбедност во сообраќајот со девет прекршоци.

Во текот на акциската контрола биле констатирани и дополнителни 443 прекршоци од друг вид, а биле поднесени и пет кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик.

Од МВР информираат дека за сите констатирани прекршоци се преземени соодветни мерки и изречени санкции согласно законските прописи.

Министерството најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со засилени сообраќајни контроли, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и почитување на сообраќајните правила.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни