Македонија

22 пожари на отворено за еден ден: Осум и натаму активни низ Македонија

22 пожари на отворено за еден ден: Осум и натаму активни низ Македонија

Огнената стихија и денеска продолжува да се шири на повеќе локации низ Македонија. До 18 часот се регистрирани вкупно 22 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, еден е ставен под контрола, а 13 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

Најголем број активни жаришта има во руралните подрачја, каде огнот зафатил ниска и нискостеблеста вегетација, но на дел од локациите се зафатени и шумски површини.

Во Општина Прилеп активен е пожарот кај селото Чаниште, со краци кон Крушевица и Лопатица, како и кон Црна Река, каде гори ниска вегетација.

Пожари се активни и во Крушевско, кај селата Белушино и Јакреново, каде огнот зафатил ниска вегетација и деградирана дабова шума.

Во Студеничанско, активен е пожарот на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер, каде гори мешана шума.

Огнени жаришта има и кај Луботен во Општина Бутел, како и во Македонски Брод, во месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица. Таму се зафатени ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Во Кичевско, активен е пожарот кај селото Тајмиште, во месноста Дарда, каде гори високостеблеста букова шума.

Активен пожар е регистриран и во село Никуштак, Општина Липково, каде огнот зафатил ниска вегетација и шума, како и во село Церово, Општина Гостивар, каде гори нискостеблеста дабова шума.

Еден пожар под контрола

Пожарот во село Мојно, Општина Могила, е ставен под контрола. Таму гори ниска вегетација.

Во текот на денот се изгаснати уште 13 пожари на територијата на повеќе општини.

Меѓу нив се пожарите во Калугерци во Радовишко, Просениково во Струмичко, Орле во Новаци, кај стадионот во населбата Фазанерија во Гостивар, како и во Челопек и Стримница во Брвеница.

Изгаснати се и пожарите кај Ило Виларов во Неготино, Караслари во Велешко, Ново Село во Струга, Дебарските гробишта, како и кај селата Туин и Зајас во Кичевско.

Во Кумановско се изгаснати пожарите кај Кучкарево и Градиште, додека во Студеничани е изгаснат пожарот кај Батинци.

Од ЦУК продолжуваат да ја следат состојбата на терен и да ги координираат активностите за справување со активните пожари.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни