222 преживеани од Пулс имаат изгореници, оштетување на видот, инхалаторни повреди или критичко оштетување на белите дробови

Во катастрофалниот пожар кој го зафати угостителскиот објект „Клуб Пулс“ во Кочани, покрај 63-цата загинати посетители, дури 222 лица претрпеле повреди со различна тежина. Обвинителството еден по еден во судница ги читаше повредите на сите 222 лица.

Според официјалните податоци од актот кој го поседува 4NEWS.mk, 157 лица се здобиле со тешки телесни повреди, а меѓу нив има дури 20 деца. Дополнително, со телесни повреди се здобиле уште 65 лица, од кои 3 се деца.

Медицинските вештачења и протоколи покажуваат дека најголемиот дел од жртвите се соочиле со страотни изгореници и тешки оштетувања на респираторниот систем.

  • Изгореници: Кај преживеаните се регистрирани длабоки изгореници од втор и трет степен. Огнот нанел тешки повреди на лицата, главите, вратот, како и на горните и долните екстремитети. Кај дел од повредените, изгорениците зафаќаат и до 30% од вкупната површина на телото.
  • Инхалаторни повреди: Паралелно со пламените јазици, отровните продукти од согорувањето предизвикале масовно труење со јаглероден моноксид и тешки инхалаторни повреди на дишните органи.
  • Борба за здив: Поради критичното оштетување на белите дробови и респираторната инсуфициенција, дел од пациентите морале да бидат поставени на механичка вентилација.
  • Оштетување на видот: Кај повеќе посетители се забележани и термички оштетувања на очите, вклучително и ерозија на рожницата.

Покрај директното дејство на пожарот, огромниот број на посетители во објектот и паничното бегање кон единствената излезна врата резултирале со масовно туркање и паѓање. Ова стампедо предизвикало сериозни механички повреди.

  • Скршеници: Актот нотира бројни скршеници кај преживеаните, вклучувајќи скршени ребра, клучни коски и екстремитети.
  • Нагмечувања: Во обидот да се спасат, посетителите се здобиле со тешки нагмечувања на главата, градниот кош и внатрешните органи.
  • Рани и раскинувања: Медицинските извештаи бележат и раскинувања на лигаменти и тетиви, изместување на зглобови, како и длабоки нагмечно-расцепни рани.

Овие детални судско-медицински наоди ќе бидат клучни во доказната постапка.