Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против 26-годишен скопјанец, осомничен за извршување на едно кривично дело – разбојништво, според член 237 став 1 од Кривичниот законик, и две дела – тешка кражба, според член 236 став 1 точка 1 од истиот закон.
На 20 декември 2024 година, осомничениот се појавил пред врата на стан на улицата „Венјамин Манчуковски“ во Аеродром. Откако сопственикот ја отворил вратата, го нападнал физички со тупаници, му го одзел мобилниот телефон од раката, а по неговото паѓање на земја, му одзел и 1.200 денари.
Шест дена подоцна, на 26 декември, осомничениот заедно со малолетен соизвршител провалил во угостителски објект на булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“ во Аеродром. По пребарување, од објектот украле мобилен телефон.
Најновата тешка кражба осомничениот ја извршил на 18 јануари 2025 година. Тој насилно влегол во пицерија на улицата „Фрањо Клуз“, од каде украл 3.000 денари, клуч од касата и шишиња пиво, со вкупна вредност од 12.000 денари.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, со цел обезбедување на неговото присуство и спречување на можни нови кривични дела.