Околу 30 државни институции објавиле конкурс за вработување за нови административци. Сето ова се случува на прагот на претседателските избори, кои треба да се одржат во април годинава. Дали станува збор за предизборни вработувања со цел вдомување на партиски војници, или навистина има потреба од нови административци.
„Станува збор за пополнување на слободните работни места во конкретните институции кои објавиле конкурс на крајот на 2018 година и почеток на 2019 година. Значи станува збор за пополнување на слободните работни места кои биле ослободени во текот на 2018 и дел од институциите објавиле конкурс за вработување на лица за да ги пополнат слободните работи места предвидени со годишните планови за вработување“, вели Мухамет Хоџа – портпарол на Влада на Р.М
Хоџа додаде дека секоја институција која објавува конкурс за административни службеници треба да ги почитува сите законски регулативи на конкурсот.
Но, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека власта ги вдомува партиските војници во администрација и дека ова претставува класична корупција.
„Во период на државни празници, власта вдомува над 300 нови партиски војници во администрацијата. Ова е класична корупција и обид за купување на гласови пред претстојните избори. Оваа операција на Заев на годишно ниво ќе ги чини граѓаните преку два милиони евра кои ќе им ги зема преку покачената акциза и зголемените даноци. За ваков криминал во правна држава се одговара. Тоа што до вчера беше обемна, масовна, спора, неефикасна, неевропска администрација, сега станува јасли за секој еден партиски војник на СДСМ“, вели Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Се поставува прашањето дали ова ќе претставува дополнително оптоварување на јавната администрација, ако се знае дека се уште има административци кои седат дома, а добиваат плата. Иако систематизацијата почна, сепак никако да заврши. Инаку според последниот извештај во март месец се вработени околу 130 лица. Администрацијата и беше еден од ресорите кои најмногу ги критикуваше СДСМ додека беше во опозиција.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ
