49 годишен тетовец се заканувал на жена и на функционери дека ќе ги убие

Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 49-годишен жител на Тетово, откако СВР Тетово поднесе кривична пријава против него.

Како што соопшти Обвинителството, постои основано сомнение дека тој го извршил кривичното дело „Загрозување на сигурноста“ според член 144 став 5 од Кривичниот законик.

Според истрагата, осомничениот на 28 октомври, користејќи профил на социјалната мрежа Фејсбук, објавил видео и текст на албански јазик. Во објавата, тој отворено се заканил со убиство и други тешки кривични дела, насочени кон една жена, како и кон функционери од една политичка партија и други лица со одредено политичко уверување.

„Со објавата која имала навредлива, омаловажувачка, но и заканувачка содржина, кај оштетената предизвикал чувство на вознемиреност и страв“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител, ценејќи ги сите околности на случајот, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово поднел предлог за определување мерка притвор.

Судот го прифатил предлогот на Обвинителството и на осомничениот му ја одредил притворската мерка.