58,7 милиони евра наплатени од патарини во првите девет месеци од годината

Вкупните приходи од наплата на патарини во првите девет месеци од годинава достигнаа 3.611.645.604 денари, односно околу 58,7 милиони евра, соопшти Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Само во септември, преку наплатните станици се инкасирани 401.971.971 денар, додека најголем промет е остварен во летните месеци – 494.308.025 денари во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни.

Највисоки приходи повторно се евидентирани на наплатната станица Романовце, а најниски на Кадрифаково.

Според податоците на ЈПДП, во септември преку профактури за електронска наплата (ЕТЦ) се остварени 30.870.116 денари, преку онлајн надополнување 30.888.802 денари, а преку системот „Отворен Балкан“ – 10.486.530 денари.

Електронската наплата на патарини сега учествува со околу 35 проценти во вкупниот промет.

Од ЈПДП дополнително најавуваат дека проектот за надополнување на МТаг и Мкард е во подготвителна фаза, а наскоро се очекува преку правни лица да започне малопродажбата на МТаг уредите на повеќе локации низ земјата.