Албанската влада до крајот на годинава ќе ги затвори сите казина и спортски обложувалници во градовите или пак сопствениците ќе бидат приморани да ги дислоцираат надвор од населените места.
Минатата година албанските граѓани потрошиле 130 милиони евра, а македонците 200 милиони евра, односно 70 милиони евра повеќе од нашиот западен сосед.
Анкетираните граѓани денеска со поделени мислења.
„Никогаш не играм и не го одобрувам. Секоја коцка е опасна за секој, посебно за млад човек“. – граѓанин.
„Кладењето е за полнолетни луѓе тие треба сами да одлучат за себе и секој сам си ги сноси последиците“.– граѓанин.
Но младите не мислат така:
„Па понекогаш да играм. Може да се забранат, но не препорачува, во Македонија тоа нема да се почитува.
Која е најголема добивка што си ја остварил?
Па, 2000 денари. – граѓанин.
„Каде што има сиромаштија има и коцка“. – граѓанин.
„Мислам дека треба да се редуцира. Во оваа сиромаштија секогаш спортските обложувалници се примамливи и она последното што го имаат го даваат мислејќи дека нешто ќе добијат“– граѓанин.
Зошто најсиромашните граѓани ги трошат парите на неегзистенцијални трошоци одговор побараве од Македонската платформа против сиромаштијата.
„Посетата на обложувалниците и казината односно прибегнување кон вакво однесување најчесто значи купување на надеж од безизлезната ситуација во кои тие се наоѓаат. Нивната немоќ да се справат со состојбата во која се наоѓаат најчесто се судрува со нашето рационално осудување и наидува на осуда за нивните постапки“, изјави Билјана Дуковска, Македонска платформа против сиромаштија.
Според официјални податоци од Министерството за финансии осум фирми имаат лиценци за приредување вакви игри и обложување. Сепак тие отвориле по повеќе уплатни места, по повеќе во секоја општина, па така реално има многу повеќе обложувалници.
Во текот на изминатата година од УЈП велат дека биле вкупно уплатени околу 200 милиони евра, а кај граѓаните по основ на добивка завршиле 156 милиони евра, а 38 милиони евра инкасирала УЈП.
Репортер: Јовица Пауноски