Македонија

Привремено решен проблемот со греењето, учениците од Чаир утре се враќаат во училишните клупи

Од утре учениците од Чаир се враќаат во училишните клупи. Проблемот со греењето е решен привремено. Откако веќе неколку дена, Топлификација Скопје – Север, ја остави без греење општината, отидовме кај градоначалникот Висар Ганиу. Tој вели дека е изненаден зошто Топлификација Скопје – Север го вперува прстот само кон општината Чаир, која како што вели, ги плаќа ратите пред време, само за училиштето да има греење. Ганиу смета дека акционерското друштво нема да може да „преживее“ само од средствата што ги пушта општина Чаир и дека Топлификација Скопје-Север е пред стечај.

„Пред две недели, Хаџимишев, одговорно лице на Топлификација, дојде и побара аванс од нас, да платиме  неколку рати порано, поради тоа што имаат проблеми кои сакаат да ги надминат. Ние тоа го сторивме пред малку, ги пуштивме средствата и по една недела дојде до блокада од претпријатието МакПетрол. Платени се три рати однапред бидејќи им беа потребни финансиски средства и го сторивме тоа. По една недела имавме блокада и претпријатието го впери прстот кон нас. Некоректно е од нивна страна што поради лошото менаџирање ја обвинуваат општина Чаир“, изјави Висар Ганиу, градоначалник на општина Чаир.

Ганиу вели дека Чаир не е единствената општина која има долг кон компанијата, туку дека има и други претпријатија. Отидовме до Топлификација Скопје-Север, но таму никој не ни ја отвори вратата. Го контактиравме и директорот Игор Поповски, но тој не одговори на нашите повици.

Нашата екипа вчера и денеска цел ден се обидуваше да добие одговор од Топлификација Скопје – Север, кои компании не го платиле долгот, освен општина Чаир. Но, од Топлификација не сметаа дека треба да нѐ контактираат и да одговорат на нашето прашање.

Нѐ контактираше  само еден вработен, кој ни ја пренесе пораката на директорот. Ни рече дека училиштата ќе добијат греење уште денеска, но сепак не сакаше да открие кои други претпријатија имаат долг кон нив. Од Топлификација Скопје – Север, побараа извинување од Општина Чаир за обвинувањата дека не ги подмириле ратите. Инаку, изгубените денови, учениците ќе ги надоместат следните неколку саботи.

Репортер: Африм Јонузи

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни