Македонија

Кузеска: Имаме предлог со чист македонски јазик, Мицкоски само сака да и наштети на државата

Кузеска: Имаме предлог со чист македонски јазик, Мицкоски само сака да и наштети на државата

Портпаролката на СДСМ, Богдана Кузеска денеска на прес конференција посочи дека како што било ветено, францускиот предлог бил јавно објавен и граѓаните јасно можат да видат се.

Таа вели дека клучно за нас во овој предлог е дека се вградени нашите ставови и забелешки.

„Имаме чист Македонски јазик во ЕУ, македонскиот идентитет е заштитен целосно, историските прашања не се дел од преговарачкиот процес. Потонати се во вода сите измислици и лаги за наводна бугаризација и асимилација. Таква работа ниту имало ниту ќе има. И не може да има со чист Македонски јазик во ЕУ. Започнат е широк процес на консултации за овој предлог, како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Кога се во прашање теми од врвен национален и државен интерес, како што е евроинтеграцискиот пат на државата, иднината на граѓаните и заштитата на македонскиот идентитет, потребна е одговорност, зрелост и државнички капацитет“, вели Кузеска.

Таа додава дека тоа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ниту го имал ниту ќе го има.

„Мицкоски сака отворениот процес на широки консултации да го попречи на самиот почеток, преку протести. Со месеци Мицкоски бараше предлозите да се консултираат со него и опозицијата, а сега кога ја има можноста тој од тоа бега. Со тоа само се потврдува дека Мицкоски нема државнички капацитет, ниту пак има интерес за конструктивен дијалог, туку тој сака единствено да го наметне својот недржавнички став. Се што Мицкоски прави и на домашен и на надворешен план е предизвикување штета врз државните интереси и позиции. Заедничкото делување со проруската инсталација Левица покажува дека ова е делување на анти НАТО и ани ЕУ коалиција. Деструктивното однесување на Христијан Мицкоски во однос на евроинтеграциите и прашањето со Бугарија се коси со секоја логика“, вели Кузеска.

Според неа, Мицкоски го одбил уште непрочитан предлогот на француското претседателство за отпочнување на преговорите со ЕУ а прифатил Резолуција на Европската народна партија со бугарските барања.

„Без разлика на штетното делување на Мицкоски и опозицијата, ги повикуваме сите општествени чинители, сите политички партии, да продолжат со својот придонес, да се вклучат во консултациите и заедно да ја донесеме одлуката. Заедно да ги демонтираме сите деструкции, да донесе државничка одлука за иднина на нашата земја“, вели Кузеска.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни