Уште еден ден од украинската контраофанзива. Претседателот објави дека од почетокот на месецот се вратени 6.000 квадратни километри. Во регионот Харков од 6 септември досега се ослободени 300 населби со вкупно население од 150.000 луѓе.
Ослободен е речиси целиот регион Харков, сè до границите со Русија и окупираната област Луганск. Сепак, властите во Киев и западните сојузници не брзаат да прогласат конечен успех.
„Русија има значителни сили во Украина, како и оружје и муниција. Тие се користат неселективно не само против украинската армија, туку и против цивилите и против цивилната инфраструктура“, рече Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Руските сили денеска објавија дека изведуваат „масовни удари“ против украинските единици на сите фронтови. Во многу од ослободените градови е уништена инфраструктурата за пренос на електрична енергија. И покрај моменталното повлекување, не се предвидува дополнителна мобилизација и народот му верува на Путин, коментираат од претседателската администрација.
„Русите го поддржуваат претседателот, а тоа го докажуваат расположенијата и постапките на луѓето. Тие се обединети во нивната проценка за постапките на шефот на државата“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според Киев, загубите на руската армија од почетокот на инвазијата се близу 50.000 луѓе. Москва не дава никакви податоци.