Германскиот канцелар Олаф Шолц го повика рускиот претседател Владимир Путин за можен прекин на огнот во Украина што е можно поскоро и целосно повлекување на руските трупи од земјата, пренесува Ројтерс .
Во 90-минутниот телефонски разговор, Шолц предупреди дека Западот нема да признае и нема да остави неодговорени обиди на Кремљ за анексија на украински територии.
Германскиот лидер инсистираше на обезбедување на нуклеарната централа Запорожје и усогласеност со Црноморската иницијатива за извоз на храна.
Шолц и Путин се договориле да одржуваат контакти во иднина, соопшти прес-службата на германската влада.
Во меѓувреме, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел денеска се заложи за продолжување на дијалогот со Путин. Тој пред Европскиот парламент во Стразбур рече дека тоа е неопходно, особено за прашањата за избегнување нуклеарна несреќа и за продолжување на извозот на храна од Украина.
Мировните преговори мора да започнат со прекин на огнот, рече Борел. Колку побрзо почнат, толку подобро, додаде тој. Според него, тоа зависи од агресорот, а Путин досега не отстапил од своите воени цели со руската инвазија на Украина. Борел изрази очекување дека идниот трибунал за воени злосторства во Украина ќе работи според украинските закони, во рамките на меѓународното право.
Путин очекува студената зима да ги разбие демократиите, но мора да продолжиме со помошта за Украина, повика Борел. Тој додаде дека украинската влада не е задоволна од брзината со која Меѓународниот монетарен фонд го разгледува барањето за финансиска поддршка. Според него, помошта што ЕУ ја определи за девет милијарди евра не е доволна за да ги задоволи сите примарни потреби на Украинците.
Високиот претставник истакна дека 45 отсто од руската технологија денес е погодена од санкциите, а две третини од цивилните авиони во Русија се приземјени поради недостаток на делови. Видливи се последиците од европските мерки, резимира тој.
Има земји на Балканот каде Кина и особено Русија имаат влијание. Таму поддршката за влез во ЕУ е слаба и опаѓа. Ова се должи на екстремно бавната брзина со која ги оценуваме барањата за пристап на земјите од регионот – тоа води кон разочарување на неисполнетите очекувања. Во политиката, како и во природата, не останува слободен простор. Мора да се стремиме да ги следиме нашите зборови со дела, инсистираше Борел.
Тој со историјата објасни дека руската гледна точка добива разбирање во Африка. Борел истакна дека СССР ги поддржува африканските движења против колонијализмот. Мора да ја искористиме оваа можност за подобро да сфатиме каква улога треба да има ЕУ во светот, посочи тој и призна дека руската пропаганда е исклучително силна во Африка.