Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека денеска ќе отпатува за Киев на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Таа прецизираше дека разговорот ќе влијае на европската поддршка за Украина. Според неа, Европа досега и обезбедила на Украина преку 19 милијарди евра финансиска помош, без во оваа сума да се земе предвид обезбедената воена поддршка.
Закрепнувањето на Украина ќе бара огромни ресурси, така што не само што ќе обезбедиме поддршка со финансирање, туку и ќе и дадеме на земјата можност максимално да го искористи својот потенцијал, им посочи претседателот на ЕК на европратениците во својот годишен говор за состојбата на ЕУ. Таа ја повика ЕУ да ја искористи моќта на единствениот пазар за да помогне да се забрза растот и да се создадат можности во Украина. Според неа, треба да се обезбеди билатерален непречен пристап на пазарот – за украинските стоки во ЕУ и за европското производство во Украина.
Фон дер Лајен истакна дека Украина од март извезува електрична енергија во ЕУ по поврзувањето на електричните мрежи. Таа инсистираше на тоа дека заемно корисната трговија треба значително да се прошири. Според неа, откако привремено се укинаа увозните давачки за украинските производи, сега на ред е да се укине и роамингот.
Нашиот единствен пазар е меѓу најголемите успеси во Европа. Време е да го направиме успешен потфат и за нашите украински пријатели. Затоа денеска одам во Киев за да разговарам за овие прашања детално со претседателот Зеленски, резимира претседателот на ЕК.
Еврокомесарките денеска пристигнаа во Европскиот парламент во Стразбур облечени во боите на украинското знаме во знак на солидарност со Украина.