Тајфунот Муифа ослабна до тропска бура, соопштија кинеските метеоролози, но сепак ќе донесе дожд и поплави во неколку крајбрежни провинции додека се движи кон север, пренесе Ројтерс.
Дванаесеттиот циклон во годината – за кој локалните медиуми велат дека е најсилниот што ја погодил делтата на реката Јангце во последните 10 години – падна на копно синоќа во близина на Шангај. Еден милион луѓе беа евакуирани како мерка на претпазливост, летовите беа откажани, пристаништата беа затворени, а немаше многу извештаи за штета. Сепак, корисниците на кинеската социјална мрежа Веибо објавија откорнати дрвја и патишта покриени со паднати лисја.
Тропската бура Муифа се движи кон северозапад со брзина од 20-30 км/ч и се очекува да помине по источниот брег на провинцијата Џиангсу и да го премине полуостровот Шандонг, соопшти кинеската метеоролошка управа. Обилни врнежи се очекуваат во североисточната провинција Џиангсу, централниот и источниот дел на Шандонг и Лиаонинг и југоисточната провинција Џилин. Во некои области, врнежите можат да бидат од 30 до 60 mm на час, на места – до 70 mm. Метеоролозите во некои провинции предупредија на опасност од поројни поплави покрај реките, како и опасност од лизгање на земјиштето.