Македонија

Османи: Не смееме да се сопнеме на мал камен, одговорност ќе има за оние кои ја злоупотребиле функцијата

Апсолутно ќе побараме одговорност од оние функционери кај кои Антикорупциската комисија ќе утврди злоупотреба на позицијата за вработување на свои роднини. Не смееме да се сопнеме на мал камен сега пред вратите на Европската унија, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Тој рече дека борбата против корупцијата мора да биде непристрасна и неселективна и дека и се дава голема поддршка на Комисијата во тоа. Антикорупциската комисија веќе отвори голем број предмети за непотизам на функционери на ДУИ и досега ниту еден од нив не ги повлече своите роднини од работните места ниту пак е побарана одговорност од нив.

„Борбата против корупција е неселективна не познава функционери на една партија или на друга партија. Не смееме да си дозволиме грешки на овој пат. Премногу инвестиравме за мали камења и мали работи ни го попречат патот. Ако Антикорупциска донесе одлука дека има елементи на злоупотреба на функцијата заради непотизам, корупција или било кој други цели апсолутно ќе побараме одговорност“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска рече дека  во овој период имаат премногу предмети и затоа ќе побараат прво инспекторатите да ги направат проверките на вработувањата. За предметите кои ги отвориле и за кои бараа дополнителна  документација  рече дека се уште не ги добиле. Рокот вели е до крајот на неделава но ако не им бидат доставени ќе поднесат прекршочни пријави против одговорните.

„Планираме во иднина да оствариме средби со инспекторатите да побараме од нив да извршат проверка на вработувањата односно да си ја извршат работата што им е делегирана со закон. Мислиме дека сите институции треба да се стават во функција“, изјави Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

Вицепремиерот Османи денеска беше во посета на Антикорупциската комисија во рамките на институционалните посети поврзани со имплементацијата на реформите од Планот 18 а кои ќе имаа директно влијание врз позитивниот извештај на Европската комисија и со тоа и започнување на преговорите со Европската унија.

РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни