Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски образложувајќи ги сетот закони истакна дека реформите на безбедносно-разузнавачкиот систем се случуваат поради сето она што се случуваше во минатото. Говорејќи пред се за формирањето на Агенцијата за национална безбедност рече дека е многу важен чекор, а законот за нејзиното функционирање е многу јасен и прецизно е дефиниран мандатот на Агенцијата, а контролата и надзорот на работењето ќе биде повеќестепен. Во рамките на Агенцијата ќе се воспостави и посебна организациона единица за внатрешна контрола.
-Надзорот над работењето на Агенцијата за национална безбедност ќе го спроведуваат неколку институции. Прво Собранието на Република Северна Македонија преку надлежните надзорни тела. Второ Народниот правобранител, трето Советот за граѓанска контрола, четврто Државниот завод за ревизија, петто Дирекцијата за заштита на личните податоци и шесто Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.-изјави Спасовски.
Опозицијата критикуваше во делот каде е наведено дека Агенцијата ќе може да врши прислушување, но без посредство на ОТА и со тоа постои можност за злоупотреба. Воедно беше речено дека новата агенција ќе биде паралелен систем.
– На овој начин со правење на совет во Владата кој што ќе го координира раководи и така натаму, Премиерот на Владата….прво – кажав, правиме паралелен систем, второ – правиме огромна концентрација на моќ во рацете на премиерот на владата на Република Македонија.-, рече Зоран Илиевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците во прво читање ги усвоија и предлог законите за класифицирани информации, за координација на безбедносно – разузнавачката заедница, за следење на комуникациите, Законот за внатрешни работи и Законот за странци.
РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА