Социјалните мрежи се преполни со најразлични примери на бројни поскапувања по воведувањето на еврото во Хрватска, без разлика дали се работи за продавници, разни услуги како фризерски салони или билети за паркирање, пренесува Индекс.
Заедничко за повеќето поплаки е тоа што имало заокружување на цените во едноставен број на евра и така дошло до поскапување во изминатите денови. На пример, ако нешто чинело 13 куни, можно е некој да го „заокружил“ на две евра, што е значително поскапо.
На Редит вчера беше отворена група каде стотици луѓе пишуваат за поскапувања и даваат бројни примери. „Машка фризура во локален фризер 60 куни. „Кафето со млеко во кафулето каде што одам цел живот скокна од 12 на 15 куни“, вели еден корисник.
Премиерот Андреј Пленковиќ вчера попладне свика средба со надлежните министри и инспекциските органи.
Како што наведе премиерот во пораката објавена на Твитер, свикал состанок со надлежните министри и претставници на Даночната управа, Царинската управа и Државниот инспекторат во врска со понатамошните активности за заштита на потрошувачите од неоправдано поскапување
„Воведувањето на еврото не е причина за зголемување на цените на стоките и услугите“, рече Пленковиќ.
На средбата на Пленковиќ со министрите и раководителите на Даночната управа, Царинската управа и Државниот инспекторат, беше договорено министерот за економија Давор Филиповиќ да покани на состанокот претставници од трговските синџири.
Средбата, неофицијално потврдена за Индекс од извор близок до власта, треба да се одржи утрово.
Хрватската влада претходно порача дека очекува математички правилна примена на фиксниот курс на конверзија и правилата за повторна пресметка и заокружување.
„Од денот на воведувањето на еврото до крајот на двојниот извештајен период, цената што се наплатува во евра мора да биде правилно пресметана и наведена во куни, со цел да се информираат потрошувачите и да се применува фиксна стапка на конверзија и правила за конверзија и заокружување“, се вели во претходното соопштение за јавноста.
Претседателката на Здружението за заштита на потрошувачите, Ана Кнежевиќ, вели дека ова претходно се случувало и во други земји и дека најмногу поскапуваат помалите цени како што се производите од пекарниците.
– Имаме информации од терен, се јавуваат и се жалат. Највисоки поскапувања има околу кафето, кафето е најскапо. Добивме дојава дека на едно место кафето е поскапо за две куни поради ова заокружување на цените. изјави Кнежевиќ.