Три лица, меѓу кои и еден грчки државјанин, се уапсени во врска со новогодишниот инцидент во пловечкиот ноќен клуб „Фристајлер“, кога предметот потонал во реката, објави српската национална телевизија РТС. Сослушувањето на приведените обвинителството го закажува за в среда.
Тројцата се уапсени поради сомнение дека сториле кривично дело „тешко дело против општата безбедност со намера да предизвикаат јавна опасност“.
Уапсените се сомничат дека на 31 декември 2022 година дозволиле да се качат на платформата поголем број луѓе од капацитетот на локацијата, поради што таа делумно потонала и со тоа ја загрозила безбедноста на поголем број луѓе. На осомничените им е одреден притвор до 48 часа.
Пловечкиот ноќен клуб „Фристајлер“ почна да тоне на новогодишната ноќ, бидејќи беше добро пребукиран. Полицијата по инцидентот соопшти дека сите гости на местото се евакуирани.
Две жени побарале лекарска помош. Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ изјави дека според информациите што ги има, причината за потонувањето на „Фристајлерот“ е тоа што во него се качиле два до три пати повеќе од дозволеното, а понтоните поставени на платформата биле не со иста издржливост како претходните. Тој најави дека ќе има построги контроли и остри казни и дека виновниците ќе бидат кривично гонети.