Поранешниот светски рекет број 1 Новак Ѓоковиќ ја освои својата 92. титула во кариерата откако го победи Американецот Себастијан Корда во жестоко оспорувано финале на турнирот од серијата 250 на АТП во Аделаида. Србинот спаси една меч топка на патот до победата од 6:7(8), 7:6(3), 6:4 која дојде по повеќе од три часа игра.
Во првиот сет, двајцата разменија брејк пред да влезат во тај-брејк во кој Ѓоковиќ одбрани две сет-топки пред тој за возврат да има можност да го освои сетот со 7-6, но Корда освои четири од следните пет поени за конечни 10-8. Во вториот дел Корда имаше меч топка при 6-5 и 40/30 и сервис на Ѓоковиќ, но Србинот го одрази и повторно дојде до тајбрејк во кој Џокера победи со 7-3. Во решавачкиот трет сет, Ѓоковиќ направи брејк во десеттиот гем за да го запечати мечот и да ја освои титулата.
Така, светскиот рекет број 5 сега има 92 трофеи, израмнувајќи го постигнувањето на Рафаел Надал и го зазема четвртото место на вечната ранг-листа зад Џими Конорс (109), Роџер Федерер (103) и Иван Лендл (94).
„Ова беше одлична недела и публиката ја направи уште поспецијална. За мене е подарок што сум овде. Дадов се денес и цела недела за да го добијам трофејот. Не сум почувствувал многу пати во животот таква поддршка, која Имав во последните десет дена“, изјави Ѓоковиќ по успехот.