Балкан

Сообраќаен метеж на српската граница при влез во Хрватска

Сообраќаен метеж на српската граница при влез во Хрватска

Километарски редици и сообраќаен метеж се создадени на границите на Хрватска со Србија и Босна и Херцеговина поради луѓето кои патуваат во скијачките центри на запад и оние кои заминуваат по божиќните празници кои се прославуваат овој викенд според јулијанскиот календар, објавија хрватската национална телевизија ХРТ.

На граничниот премин Бајаково (ГП) во правец од Србија кон Хрватска, колоната возила вчера попладне била долга околу 8 километри, покажуваат податоците на граничната полиција. Според патниците, редот за влез во Хрватска траел околу 16 часа.

„Повеќе од 15.000 патници, со вкупно околу 4.000 приватни автомобили, влегле (Хрватска) преку нашата гранична точка. Денеска е извршена гранична контрола на 107 автобуси. Ова е голема бројка, што го намали капацитетот на протокот“, изјави началникот на граничниот премин Бајаково Лука Домачиновиќ.

Тој додаде дека зголемениот сообраќај се очекува да продолжи до крајот на оваа недела.

При влегување преку граничниот премин Каменско од Босна и Херцеговина во Хрватска, сообраќајот не е толку густ и границата може да се помине за 15-20 минути.

„Можеме да кажеме дека по влегувањето на Хрватска во Шенген, нема посебни промени во однос на надворешните граници на Република Хрватска. Нема промени во однос на системските проверки што ги вршиме на државјаните на ЕУ, Швајцарија, ОК и Хрватска, каде што ги проверуваме личните документи во базата на податоци. Вршиме основна гранична контрола со државјани на трети земји“, изјави Младен Бужанчиќ, началник на граничниот сектор на Сплитско-Далматинската полиција во Хрватска.

Зголемен сообраќај е создаден и на наплатните пунктови за автопатишта – проблем е плаќањето во двете валути (хрватски куни и евро), што ги збунува возачите и соодветно го забавува сообраќајот. Проблем е и недостигот на електронски уреди за плаќање на патарините во хрватските автомобили, со кои директно би можеле да поминуваат без да создаваат метеж.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни