Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја продолжува со напорите за намалување на тензиите меѓу Косово и Србија, јавува Anadolu Agency.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но Белград сè уште не ја признава независноста на својот поранешен регион, иако повеќе од 100 земји веќе ја признаа. Со посредство на ЕУ, Белград и Приштина водат дијалог за нормализирање на нивните односи од 2011 година.
По вчерашната средба на турската влада во Анкара, Ердоган посочи и дека неговата земја продолжува со напорите за решавање на политичката ситуација во Босна и Херцеговина.
„Ги продолживме напорите за решавање на политичката блокада во Босна и Херцеговина и за намалување на тензиите во односите меѓу Косово и Србија“, рече турскиот претседател.
Зборувајќи за економските предизвици со кои се соочи неговата земја минатата година, Ердоган истакна дека најсериозен проблем на Турција е инфлацијата, која достигна 64,27 отсто на годишна основа.
Според него, во наредните месеци ќе се види како постепено се забавува стапката на раст на инфлацијата.
„Ќе спроведеме програма благодарение на која инфлацијата ќе ја спуштиме на 20 проценти“, рече Ердоган.