Балкан

Грчки обвинител бара да се укине Центарот за македонски јазик

Грчки обвинител бара да се укине Центарот за македонски јазик

Обвинителот во северниот грчки град Лерин побара укинување на одлуката за создавање „Центар за македонски јазик“ во градот, пишува Милет њуз.

Обвинителката Анастасија Калаиџис на 29 декември 2022 година поднесе барање за поништување на судска одлука за регистрирање на здружението „Центар за македонски јазик во Грција“. Нејзиниот приговор ќе го разгледа судот во Лерин на 2 февруари 2023 година.

Граѓанскиот суд во Лерин донесе првостепена одлука за формирање на здружение наречено „Центар за македонски јазик“ на 27 јули 2022 година, потсетува изданието на англиски јазик на турското малцинство во Грција.

Меѓу целите на здружението се „зачувување и развој на македонскиот јазик во Грција и поддршка на наставата по македонски јазик како изборен предмет во грчките универзитети и државни училишта“.

Според информациите во грчките медиуми, обвинителката Анастасија Калаиџис тврди дека одлуката за формирање „Центар за македонски јазик“ е во спротивност со Договорот од Преспа потпишан меѓу Грција и Северна Македонија.

Според неа, здружението „се обидува да создаде македонско малцинство во областа“. Според обвинителот, „во Грција не живеат Македонци и нема македонски јазик“, а систематскиот развој на јазик на соседна земја што граничи со Грција, во грчките региони Македонија и Тракија, е закана за безбедноста и јавниот ред во Грција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни