Свет

Се урна зграда во Сирија, најмалку 10 загинати – повеќето станари под урнатините

Се урна зграда во Сирија, најмалку 10 загинати – повеќето станари под урнатините

Најмалку десет лица, меѓу кои и едно дете, загинаа при уривање на станбена зграда во градот Алепо во Сирија разурната од војна, објави сириска невладина организација.

Петкатна зграда се урна во неделата вечерта во курдскиот кварт Шеик Максуд, во градот Алепо во северна Сирија, објави Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR).

Се верува дека повеќето од станарите се под урнатините

Најмалку 30 луѓе живееле во зградата и се верува дека повеќето се заробени под урнатините, според SOHR. Спасувачките тимови извлекоа живо петнаесетгодишно момче, а потрагата по преживеани продолжува, соопшти здружението со седиште во Велика Британија.

Сириските власти се уште не објавија официјален коментар за извештајот.

Алепо се нарекува сириски Сталинград

Смртоносната граѓанска војна во Сирија избувна во 2011 година од масовните протести против владата на претседателот Башар ал-Асад и прерасна во граѓанска војна во која беа вклучени и регионалните и големите сили.

Алепо го нарекуваат и сириски Сталинград затоа што таму се водеше најжестоката битка меѓу армијата на Асад, која беше поддржана од Русија, и проиранските шиитски милиции во војната против Слободната сириска армија и сродните исламистички групи.

Според податоците на ОН, повеќе од 350.000 луѓе загинале во војната, а милиони биле раселени и бегалци.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни