Штрајковите низ Германија го запреа сообраќајот на 10 јануари.
Стотици илјади луѓе се соочија со откажување на возовите ширум земјата по почетокот на тридневниот штрајк на железницата.
Ова, според Ројтерс, дополнително придонесе за хаосот во транспортот во најголемата европска економија, каде земјоделците претходно ги блокираа автопатите и го забавуваа сообраќајот во знак на протест.
Штрајковите, свикани од синдикатот на машиновозачите GDL од среда до петок навечер, го принудија националниот железнички оператор Deutsche Bahn (Дојче Бан) на намалени возни редови што се користат во итни ситуации.
Еден од пет брзи железнички линии на долги релации сообраќа, а регионалните услуги се „масовно намалени“, изјави портпаролот на железницата за новинарите на централната станица во Берлин, која беше ослободена од вообичаената гужва.
На железничката станица во Келн, западна Германија, патниците кои треба да стигнат до своите работни места ги проверуваа распоредот за промени.
Откако првиот воз не се појави, Урлих Линке изјави за Ројтерс дека ќе почека да види дали ќе се појави следниот.
– Ќе чекам 45 минути, на минус седум степени, овде на главната станица – додаде тој.
– Работиме во пензионерски дом и мораме да одиме на работа – изјави патникот Алекс Милер.
Штрајкуваат и товарниците
Синдикатот на германските машиновозачи (GDL) одлучи штрајкот покрај патничкиот да го опфати и товарниот сообраќај. Но, ова нема да влијае само на Германските железници (ДБ), туку и на многу компании во Германија кои ги испорачуваат своите суровини или стоки со товарни возови.
Дополнително, последиците ќе ги почувствуваат и соседните земји, бидејќи дури 60 отсто од вкупниот товарен сообраќај на Германските железници се транспортира низ Европа. Шест од вкупно единаесет европски железнички коридори за транспорт на стоки минуваат низ Германија, соопшти Министерството за дигитални прашања и транспорт.
– Германија е логистичкото срце на Европа – потсетува Томас Пулс од Институтот за германска економија (IW).
Cities across Germany are now overwhelmed by massive convoys of tractors and trucks, as the German farmers and truckers mass mobilise their protest against the German government. This is Stuttgart.
🇩🇪🚜
pic.twitter.com/5HCXteZvxl— James Melville (@JamesMelville) January 10, 2024
Железничкиот транспорт е важен
Колку стока се транспортира на шини? Додека патниот сообраќај превезува дури две третини, железницата сочинува само една петтина. Од Puls велат дека овој вид на транспорт е сè уште важен.
– Иако учеството во вкупниот сообраќај не го покажува јасно, многу железнички превози не можат, или можат многу тешко, да се одвиваат на друг начин.
Големите индустриски гранки, како што се метални или хемиски, се насочени кон овој вид транспорт. Без јаглен кој пристигнува со товарни возови, невозможно е да функционираат високи печки или термоелектрани. За одреден опасен товар од хемиската индустрија дури е задолжителен и железничкиот транспорт, поради намалениот ризик од сообраќајни незгоди.
Страв од заглавување во пристаништата
Зафатени беа и други делови од логистичкиот транспортен синџир, како што се пристаништата.
– Ако пристаништата веќе немаат места за складирање на контејнери, тоа ќе биде навистина проблематично – смета Пулс.
Од пристаништето во Хамбург понатаму со железница се транспортираат огромен број истоварени контејнери. Пулс смета дека не е реално сето ова да се пренесе на камионски транспорт. „Веројатно немаме толку многу камиони, па дури и да ги имаме, не би можеле да ги испратиме сите во Хамбург за да испорачаме толку голема количина контејнери од пристаништето, со кое вообичаено управува железницата.
Френк Хастер, директор на Федералната асоцијација за шпедиција и логистика, смета дека ќе бидат погодени и другите европски пристаништа, бидејќи германскиот штрајк ќе го наруши распоредот на товарање и истовар.
Земјоделците се стегаат
Проблем во сообраќајот направија и тековните протести на земјоделците, поттикнати од најавеното намалување на субвенциите.
Шефот на германскиот сојуз на фармери (ДБВ), Јоаким Руквид, вети дека ќе ги засили протестите денеска, откако конвои трактори и камиони ги блокираа патиштата низ земјата на почетокот на оваа недела.
Улиците се блокирани со трактори и камиони со табли на кои пишува „Без земјоделците би биле гладни, голи и трезни“, „Без земјоделците нема пиво“, „Ако умре земјоделецот, умира земјата“…
Штрајковите и протестите го зголемуваат притисокот врз коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц, која се соочува со се поголеми економски проблеми, вклучувајќи слаби макроекономски показатели, високи каматни стапки и буџетски хаос.
Долгогодишниот спор за платите и работното време на машиновозачите повторно се разгоре, а обидот на Дојче бан да ги блокира последните штрајкови со судска забрана пропадна.
Железничкиот синдикат (ГДЛ) бара скратена работна недела за работниците во смени, од 38 на 35 часа, со задржување на сегашните плати.
Дојче Бан одби да ја намали саатницата без да ги намали платите.
Железничкиот оператор тврди дека барањата на синдикатот ќе ги зголемат трошоците за персонал за 50 отсто, делумно затоа што ќе мора да вработат повеќе работници бидејќи Германија се соочува со недостиг на квалификувана работна сила.
– Подготвени сме на компромиси и постепено намалување на неделното работно време за да имаат можност и работодавачите да обучуваат кадар – изјави првиот човек на ГДЛ, Клаус Веселски, за јавниот сервис ЗДФ.
– Доколку не добиеме ништо до петок, ќе паузираме и ќе влеземе во следната рунда на акции – додаде тој.
Машините на товарни возови исто така штрајкуваат до петок, што предизвикува загриженост во трговскиот сектор, бидејќи речиси една петтина од товарниот сообраќај во Германија се врши со железница.