За многу луѓе, полагањето на возачки испит е еден од најстресните периоди во нивниот живот. Сигурно барем еднаш сте помислиле колку би било прекрасно доколку овој процес трае само неколку секунди. Па, во Индија тоа е речиси реалност! Според Бритиш Експрес, компанија специјализирана за финансирање возила, полагањето на возачки испит значително се разликува низ светот, при што некои возачи имаат многу поголеми шанси да положат од другите. Додека во многу земји испитот е исклучително тежок, некои се толку едноставни што многумина би ги посакале.
Имено, возачкиот испит во Обединетото Кралство се смета за еден од најтешките, заземајќи го 16-тото место во светот по тежина. Процесот на учење возење може да биде многу стресен, особено поради часовите на учење сообраќајни прописи за теоретскиот тест и сериозниот испитувач за време на практичниот дел. Но, како што открива Екссепрес, во некои делови од светот процесот е многу поедноставен.
Најлесниот возачки испит во светот се одржува во Индија, каде што кандидатите треба само да возат право, да свртат лево и да застанат по 50 метри. Со повеќе од 10 милиони возачки дозволи кои се издаваат секоја година, Индија сигурно нема недостиг од возачи, без разлика дали се на две, три или четири тркала.
Поради пренатрупани патишта во повеќето индиски градови, тестовите обично не се вршат на јавни патишта, туку на приватни тест патеки, па дури и на паркинзи. Со едноставен практичен дел од испитот, кандидатите треба да одговорат на 20 прашања со повеќекратен избор, а за да положат доволно е точно да одговорат само девет.
И покрај тоа што индискиот возачки испит се смета за најлесниот во светот, Експрес забележува дека Хондурас неодамна воведе возачки тестови за нови возачи. Историски гледано, во таа земја не беше потребно да се полага тест за да се добие возачка дозвола, но неодамна беше воведен едноставен писмен тест, без практичен дел. Иако толку едноставен тест може да звучи привлечно, Хондурас има многу висока стапка на сообраќајни несреќи, со 16,7 смртни случаи на патишта на 100.000 жители во 2022 година.
Од друга страна, Јапонија може да се пофали со најтешкиот возачки испит во светот. Кандидатите мора да поминат низ задолжителен 26-часовен камп, да положат теоретски испит, да поминат пет дена во практична обука и конечно да положат тежок практичен испит.