Свет

САД отворија ракетна база во Полска, Москва ја означи како закана уште во 2007 година

САД отворија ракетна база во Полска, Москва ја означи како закана уште во 2007 година

САД денес отворија нова ракетна база во северна Полска, што полскиот претседател го поздрави како доказ дека неговата земја е безбедна како членка на НАТО, дури и кога Русија води војна во соседна Украина. Сместена во Реџиков во близина на балтичкиот брег, базата е планирана од 2000-тите.

Додека изборната победа на Доналд Трамп предизвикува нервоза кај некои членки на НАТО, Варшава истакнува дека континуираната работа на базата покажува дека воениот сојуз на Полска со Вашингтон останува силен кој и да е во Белата куќа. „САД… се гарант за полската безбедност“, рече полскиот претседател Анджеј Дуда.

Тој рече дека континуираното присуство на американски војници во базата покажува дека Полска, комунистичка држава до 1989 година, „не била во сферата на влијание на Русија“. Кремљ денеска оцени дека базата е обид за задржување на Русија со приближување на американската воена инфраструктура до нејзините граници.

Шефот на НАТО пристигна во Варшава
Трамп се закани дека нема да ги брани земјите кои не трошат доволно за одбрана, но Полска смета дека нема од што да се плаши бидејќи најмногу издвојува во НАТО за одбраната во однос на големината на нејзината економија, а Дуда нагласува дека тој има блиски односи со Трамп.

Американската база во Реџиков е дел од ракетниот штит на НАТО наречен „Aegis Ashore“ (копнеен штит), кој може да пресретне балистички ракети со краток до среден дострел. Други клучни елементи на штитот се база во Романија, американски разурнувачи во шпанското пристаниште Роти и радар во Куречик, Турција. Москва ја означи базата како закана уште во 2007 година, кога плановите сè уште беа во почетна фаза.

НАТО посочува дека штитот е од чисто одбранбен карактер. Воени извори изјавија за Ројтерс дека системот во Полска сега може да се користи само против проектили лансирани од Блискиот Исток и дека радарот ќе мора да го промени курсот за да пресретне ракети од Русија, сложена процедура која бара промени во политиката.

Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш во понеделникот рече дека дострелот на штитот ќе треба да се зголеми, за што Варшава ќе разговара со НАТО и САД. Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска во Варшава ќе се сретне со Дуда и премиерот Доналд Туск.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни