Судијката Марија Клетничка Марковска, сопруга на советникот на премиерот за надворешна политика Сашо Марковски, заедно со судиите Иван Џолев, Оља Ристова и Бетим Јахја, денеска положија свечена изјава пред Судскиот совет, откако беа избрани за судии во Апелациониот суд – кривичен оддел.
Нивниот избор следува по конкурсите од Основниот кривичен суд Скопје и тетовскиот суд, каде сите тие претходно извршуваа судиски функции. Изјави за медиумите не даде ниту еден од новоизбраните судии.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, изјави дека постапката била фер и транспарентна, а избраните судии се лица со долгогодишно искуство во судството.
„Факт е дека сите тие се судии повеќе од 15, 18, па и 20 години. Жалосно е тоа што сега нивната професионална кариера се врзува со фактот дека нивниот сопруг или сопруга имаат јавна функција“, изјави Камбовски, реагирајќи на јавните сомнежи за влијание поради блиски роднински врски со функционери од власта.
Сепак, свечена изјава не дадоа судиите избрани за Апелациониот суд – граѓански оддел, поради жалби поднесени од конкуренти до Судскиот совет и до Врховниот суд. Меѓу нив се наоѓа и Цветанка Сиљаноска Костадиновска, сопруга на претседателот на Уставниот суд.
На прашањето зошто изборите се реализираат токму сега, кога дел од нивните сопрузи имаат високи државни позиции, Камбовски појасни дека постапките биле иницирани пред повеќе од една година, со ранг-листи изготвени врз основа на применети критериуми.
„Немаше прескокнување или фаворизирање – избравме по редоследот на рангирањето. Тоа што заслужува дебата е системот на бодирање, кој во иднина треба да се унапреди за да биде пообјективен“, додаде тој.
Со преминувањето на судијата Иван Џолев во Апелациониот суд, Судиката Даниела Димовска е избрана за вд претседател на Основен кривичен суд Скопје. Одлуката беше донесена на денешната седница на Судскиот совет.