Свет

Политико: Белата куќа планира средба меѓу Путин и Зеленски во Будимпешта

Политико: Белата куќа планира средба меѓу Путин и Зеленски во Будимпешта

Белата куќа ја разгледува можноста за одржување на трилатерална средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски во унгарската престолнина Будимпешта, тврди функционер од администрацијата на Трамп и лице блиско до администрацијата, објави ексклузивно „Политико“.

Американската Тајна служба веќе го подготвува теренот за можен самит во средноевропската земја со која управува премиерот Виктор Орбан, долгогодишен сојузник на Трамп уште од неговиот прв мандат.

Портпаролката на Белата куќа не ја коментираше оваа објава, ниту пак сакаше да даде детали за потенцијалната средба на денешниот брифинг.

Путин ја сакал Москва, Макрон – Женева

Иако Тајната служба често разгледува повеќе можни локации и конечната одлука за местото на состанокот сè уште не е донесена, Будимпешта, според зборовите на два извора запознаени со приватните разговори, сè повеќе се истакнува како прв избор на Белата куќа.

Путин наводно му порачал на Трамп дека ја преферира Москва, додека францускиот претседател Емануел Макрон се залагал за Женева како идеална локација. За да не остане на страна, швајцарската министерка за надворешни работи му понудила на Путин „имунитет“ од постојната потерница за воени злосторства, доколку Швајцарија – позната по својата неутралност – биде одбрана за домаќин на преговорите.

Непријатен избор за Украина поради историскиот контекст

Унгарија, сепак, би била непријатен избор за Украина поради историскиот контекст на Будимпештанскиот меморандум од 1994 година.

Со тој договор САД, Обединетото Кралство и Русија гарантираа украински суверенитет и територијален интегритет во замена за тоа Киев да се откаже од нуклеарниот арсенал. Но, руската агресија врз Украина во 2014 година го доведе овој договор во прашање, бидејќи ниту една од потписничките не интервенираше воено за да ја спречи агресијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни