Американскиот претседател Доналд Трамп се нарече себеси „воен херој“ поради тоа што одобри воздушни напади врз нуклеарните објекти на Иран.
Појавувајќи се во радиоемисијата на конзервативниот водител Марк Левин, Трамп рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е „воен херој затоа што работевме заедно“.
„Тој е воен херој. Претпоставувам дека и јас сум. На никој не му е гајле. Но, и јас сум. Мислам, јас ги испратив тие авиони“, рече Трамп, очигледно мислејќи на нападот што го нареди во јуни врз подземните нуклеарни објекти на Иран, со цел уништување на нуклеарната програма на Техеран.
Нетанјаху под потерница
Нетанјаху со месеци е под потерница од Меѓународниот кривичен суд за наводни воени злосторства во Газа.
Во израелската офанзива на Појасот Газа, која трае од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, според извори контролирани од Хамас, убиени се повеќе од 60.000 Палестинци, додека Хамас уби околу 1.200 луѓе во Израел тој ден, а околу 200 од нив киднапираше и ги однесе во Газа.
Трамп никогаш не служел во војската
Самиот Трамп никогаш не учествувал во војна ниту служел во војската. За време на Виетнамската војна, тој добил пет одложувања на мобилизација, вклучително и медицинско ослободување поради дијагноза на коскени израстоци на петиците кога имал 22 години.
Во 2015 година, тој предизвика контроверзии кога тврдеше дека републиканскиот сенатор од Аризона, Џон Мекејн, кој поминал повеќе од пет години како воен заробеник во Северен Виетнам, „не е воен херој“ затоа што, како што рече, „преферирам луѓе кои не се заробени“.
Во 2020 година, „Атлантик“ објави дека Трамп приватно ги навредувал паднатите американски војници, нарекувајќи ги „губитници“ и „наиви“. Трамп жестоко ги негираше тие обвинувања.