Барател на азил е уапсен под сомнение за убиство на 17-годишната Лиса, пренесува Dutch News. Тинејџерката била смртно избодена со нож додека со велосипед се враќала дома по излегување во Амстердам пред три дена, во раните утрински часови.
На прес-конференција во Амстердам, шефот на јавното обвинителство Рене де Бекелаер објави дека е уапсен 22-годишен маж кој престојувал во ЦОА центарот за азиланти во главниот град. Тој е осомничен за убиството на Лиса, како и за силување на жена во Амстердам пред една недела.
Мажот е поврзан и со уште еден напад врз жена во Амстердам на 10 август. Шефот на полицијата Петер Холла изјави дека првично се сметало дека станува збор за обид за грабеж, но полицијата сега претпоставува дека сепак имало мотив од сексуална природа.
Лиса повикала 112, но било предоцна
На прес-конференција со градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, и градоначалничката на Оудер-Амстел, Сузан де Рој, беше упатен повик до сите сведоци на нападот врз тинејџерката, именувана само како Лиса, да се јават во полиција.
Откако ја поминала ноќта со пријателите во центарот на Амстердам, Лиса планирала да се врати дома во Абкоуде со својот електричен велосипед, по рутата по која често се движела, околу 3:30 часот наутро. За време на враќањето повикала 112 за помош, но кога полицијата ја пронашла во близина на стадионот „Јохан Кројф Арена“, таа веќе била мртва. Починала од убодни рани, вклучувајќи и во пределот на вратот.
Де Бекелаер изјави дека трагите упатуваат на истата личност – барателот на азил кој престојувал во ЦОА центарот, а кој вчера бил уапсен како осомничен за претходното силување. „Врз основа на наодите од истрагата, имаме сериозно сомневање дека станува збор за истиот осомничен“, рече тој.
Градоначалничката: Оваа недела ми се стегна срцето како жена и мајка
„Сметаме дека уапсениот осомничен бил вмешан и во третиот инцидент, обид за сексуален напад. Сакавме што побрзо да ја објавиме оваа информација, бидејќи секојдневно гледаме и слушаме колку луѓето се погодени и исплашени“, додаде тој.
Халсема изјави дека убиството е „ужасно и неоправдливо“ и најави дополнителни мерки за заштита на холандските жени од насилство. „Како градоначалничка, но и како жена и мајка, оваа недела ми се стегна срцето“, рече таа. „Но, бев и бесна. Илјадници жени сега со право бараат да им се врати ноќта“, додаде.
Таа истакна дека жените треба да можат да ги живеат своите животи слободно и без страв. „Она што би требало да биде подразбирливо – безбедноста на жените и девојките – не е подразбирливо. Тоа е срам за нашето општество“, заклучи Халсема.
Не се објавени дополнителни детали за националноста на осомничениот, кој задутре на прелиминарно сослушување ќе се соочи со главните обвиненија за убиство и силување.