Свет

Лавров: Состанокот меѓу Путин и Зеленски не беше тема на Алјаска

Лавров: Состанокот меѓу Путин и Зеленски не беше тема на Алјаска

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, денес изјави дека темата за можната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски не била разгледувана за време на самитот Русија–САД на Алјаска. Но додаде дека Путин е подготвен за разговор под услов самитот да има претседателска агенда, и покрај тоа што, според Русија, Зеленски нема легитимитет.

„Овие гласини, пред сè, ги шират Зеленски и неговите европски спонзори“, истакна Лавров во интервју за американскиот NBC, додавајќи дека оваа тема била покрената по средбата на Доналд Трамп со европските функционери. Тој нагласи дека по тоа Трамп го повикал Путин, кој истакнал дека Москва е подготвена да продолжи со директни преговори со Украина, започнати во Истанбул, додавајќи дека Путин потенцирал дека средбите на највисоко ниво, особено меѓу лидерите на Русија и Украина, мора да бидат темелно подготвени и да има согласност меѓу страните за подготвителните чекори за такви разговори.

Лавров изјави дека Зеленски нема легитимитет да потпишува правни документи во врска со решавањето на украинската криза, објави руското Министерство за надворешни работи. „Го признаваме де-факто како лидер на режимот и во тој својство сме подготвени да се сретнеме со него.

Но, кога ќе дојде моментот за потпишување правни документи, потребно е јасно разбирање дека личноста која потпишува мора да биде легитимен претставник, а Зеленски во моментов тоа не е според украинскиот устав“, рече рускиот министер за надворешни работи. Лавров нагласи дека Русија е подготвена да дискутира за политичките аспекти на решавањето на конфликтот со Украина во сите можни формати.

Тој подвлече дека Русија сè уште нема добиено одговор од Киев на предлогот за формирање три работни групи кои би ги разгледале подетално хуманитарните, воените и политичките прашања, што Русија го предложи уште во 2022 година на преговорите во Истанбул.

Лавров, исто така, истакна дека Русија нема потреба од територијални проширувања, туку дека судбината на луѓето кои живеат во областа на Донбас и Луганск е поважна, пренесува Танјуг.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни