Свет

Бербата на грозје во Франција започнува порано поради високите температури

Бербата на грозје во Франција започнува порано поради високите температури

БЕРБАТА на грозје во француските вински региони оваа година поради екстремните температури повторно започна порано, а климатските промени сѐ повеќе ги загрозуваат приносите, пишува „Франс Прес“ денес.

Топлотните бранови и шумските пожари доведоа и до загуба на посеви и лозови насади, како и до посилно ширење на болести и штетници.

Падот на производството може да биде драстичен – до 50 проценти во департманите Еро и Гар на југот на Франција во 2019 година, на пример, кога грозјето беше изгорено од топлотен бран.

Жештината, исто така, носи пораст на болести и штетници кај лозата поради влагата. Тоа беше случај во Жиронд, на југозападот на Франција, во 2020 година, кога мувлата ги нападна лозовите насади во Бордо, кои во мај беа поплавени од обилни дождови.

Сѐ почестите и поголеми шумски пожари, исто така, директно влијаат врз лозата, како што се виде на почетокот на август кога неколку стотици хектари изгореа во Од, на југот на Франција.

Порано започнување на бербата и драматични промени

Бербите на грозје во Франција денес по правило започнуваат три недели порано отколку во осумдесеттите години, објави францускиот Национален институт за земјоделски, прехранбени и еколошки истражувања (INRAE).

Максималните дневни температури за време на вегетациската сезона на грозјето се зголемиле за околу 3°C од 1980 година, според студија на INRAE објавена во мај.

Според студија објавена во 2024 година во списанието Nature Reviews Earth and Environment, ако глобалното затоплување ја надмине границата од +2°C во споредба со прединдустрискиот период, 90 проценти од крајбрежните и низинските вински региони во јужна Европа би можеле да станат неспособни да произведуваат квалитетно вино со економски одржливи приноси до крајот на векот.

Растот на температурите, за кои научниците потврдуваат дека се засилени од климатските промени предизвикани од човечко дејствување, го забрзуваат растот и зреењето на грозјето.

Бербите започнуваат рекордно рано

Во Алзас, регија на истокот на Франција, бербата никогаш не започнала толку рано. Грозјето за пенливо бело вино crémant официјално започна во вторник, 10 дена порано од минатата година.

Периодите на берба зависат од регионот и видот на грозје, а се одредуваат според календарот на Националниот институт за потекло и квалитет (INAO). Во Шампања, на истокот на Франција, бербата официјално започна минатата среда.

Сопретседателот на винскиот одбор за таа област, Давид Шатијон, изјави дека и покрај пораното берење, се очекува добра сезона во регионот.

Бербите започнуваат порано низ цела Франција. Од крајот на средниот век до 1988 година тие по правило започнувале околу 27 септември, покажува истражување кое собирало податоци уште од 1354 година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни