Свет

Стапуваат на сила царините од 50 проценти на Трамп кон Индија

Стапуваат на сила царините од 50 проценти на Трамп кон Индија

Драстичните царини од 50 проценти на американскиот претседател Доналд Трамп стапија на сила, неколку недели откако Трамп издаде извршна наредба со која ја казни азиската земја со нови царини од 25 проценти за купување руска нафта и оружје.

Индија, еден од најсилните американски партнери во Индо-Пацификот, се вбројува меѓу земјите со највисоки царини во светот. Ваквиот удар би можел да нанесе сериозна штета на извозот и растот на петтата најголема светска економија, имајќи предвид дека САД до неодамна беа нејзин најголем трговски партнер, пишува Би-Би-Си.

Овој развој на ситуацијата ја натера индиската влада да премине во кризен режим. Премиерот Нарендра Моди претходно овој месец вети намалување на даноците за да се ублажат економските ефекти. Истовремено, повика на поголема домашна самодоволност.

Со јарко портокалов турбан и обраќајќи им се на собраните од бедемите на Црвената тврдина во Делхи за време на прославата на Денот на независноста, премиерот ги повика малите трговци и бизниси на своите продавници да истакнат натписи „Swadeshi“ или „Made in India“.

– Треба да станеме самодоволни, не од очај, туку од гордост. Економскиот егоизам расте низ целиот свет и не смееме да седиме и да плачеме над нашите проблеми, мораме да се издигнеме и да не дозволиме другите да нè држат во шах – порача тој.

Оттогаш, најмалку во уште два јавни настапа ја повтори сличната порака, која многумина ја гледаат како директен одговор на бруталните 50-процентни царини на Трамп, кои се закануваат да нарушат милиони егзистенции во индустриите ориентирани кон извоз – од облека, преку дијаманти, до ракчиња – што Индија ги извезува за американските потрошувачи.

Среде овој удар, пораката на Моди до нацијата е јасна – и произведувај во Индија и троши во Индија.

Но, додека „произведувај во Индија“ станува сè потешко остварливо, бидејќи уделот на индустриското производство во БДП стагнира на околу 15 проценти и покрај владините субвенции и поттикнувања, експертите сметаат дека даночните реформи кои веднаш им оставаат повеќе пари на граѓаните би можеле да ги ублажат последиците.

Така, откако во овогодинешниот буџет веќе беше најавено даночно олеснување во вредност од 12 милијарди долари, Моди сега е насочен кон реформа на системот на индиректно оданочување, намалување и поедноставување на данокот на стоки и услуги (ГСТ).

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни