Повеќе од 400.000 хектари природа во Шпанија се изгорени од почетокот на годината, апсолутен рекорд што далеку ја надминува претходната бројка од 2022 година, според податоците од Европскиот информативен систем за шумски пожари.
Оваа фотографија направена во Шпанија прикажува неколку крави како опкружуваат „чудотворно“ дрво, на 17 август 2025 година, во Сото де Вињуелас, Трес Кантос (во областа на Мадрид).
Сепак, објаснувањето не е толку „чудотворно“: тоа е едно од ретките дрвја во регионот што обезбедувало сенка за добитокот, па затоа кравите редовно наоѓале засолниште таму, објавува CIty Magazine.
На тоа место, тие ја паселе тревата и ја газеле почвата, оставајќи ја гола. Токму оваа природна чистина служела како противпожарна бариера, спречувајќи ги пламените јазици да стигнат до дрвото и со тоа спасувајќи ги кравите и малата лента зеленило околу него, додека целата околина горела.
За Шпанците, ова дрво стана симбол на надеж по трагедијата со пожарот што го опустоши Трес Кантос на 11 август, но и потсетник за важноста на пасењето и одржливото управување со шумите со цел да се спречат вакви разорни пожари во иднина.