Повеќето судии во петчлениот панел на Врховниот суд на Бразил денеска гласаа за осуда на поранешниот претседател Жаир Болсонаро поради обид за пуч со цел да остане на власт и покрај поразот на изборите во 2022 година, во пресуда која ќе ги продлабочи политичките поделби и веројатно ќе предизвика реакција од американската влада, јавува АП.
Десничарскиот политичар, кој управуваше со Бразил меѓу 2019 и 2022 година, беше прогласен за виновен по пет точки од страна на тројца членови на петчлениот панел судии. Последната одлука ја донесе Кармен Лусиа денедка, ден по тоа што судијата Луиз Фукс гласаше за ослободување на поранешниот претседател по сите точки.
Уште еден судија треба да гласа.
Кога сите пет судии ќе гласаат, панелот ќе ја одреди казната за Болсонаро, која може да изнесува децении затвор.
Седумдесетгодишниот поранешен претседател моментално се наоѓа во домашен притвор.
Неговите адвокати најавија жалба пред Врховниот суд во полн состав од 11 судии.
Болсонаро е обвинет за планирање пуч, учество во вооружена криминална организација, обид за укинување на демократскиот поредок на Бразил со сила, извршување насилни дејствија против државните институции и оштетување на заштитени јавни објекти за време на упадот на неговите приврзаници во владините згради на 8 јануари 2023 година, пишува Си-Ен-Ен.
Обвинителите тврдат дека дел од заговорот вклучувал планови за можност да се користат експлозиви, воено оружје или отров за убиство на левичарскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, неговиот потпретседател Жералдо Алкмин и судијата на Врховниот суд Александар де Мораес, кој го надгледуваше судењето на Болсонаро.
Болсонаро и останатите обвинети во процесот ја негираат вината.
Доказите против Болсонаро главно се однесуваа на неговите обиди да остане на власт по загубата на претседателските избори во 2022 година од Лула.
Федералната полиција наведе дека Болсонаро имал „целосно знаење“ за планот за поништување на изборните резултати, вршење притисок врз војската за интервенција, па дури и создавање паралелен „канцелариски кризен штаб“ за управување со владата.
Обвинителите тврдат дека заговорот за пуч го започнал уште во 2021 година преку обиди да се наруши довербата на јавноста во изборниот систем. По поразот на Болсонаро во 2022 година, обвинителите наведуваат дека обвинетите се обиделе да ги поништат резултатите поттикнувајќи ги неговите приврзаници да се мобилизираат во Бразилија, каде на 8 јануари 2023 година упаднаа и вандализираа три седишта на власта.
Судијата Мораес, кој прв гласаше за вина во вторникот, изјави дека обвинетите „ги извршиле сите кривични дела за кои Обвинителството ги терети“.
Судиите Флавио Дино и Кармен Лусиа исто така гласаа за осуда, што му донесе на Болсонаро вина со проста мнозинска одлука од три судии. Уште еден судија на Врховниот суд треба да гласа пред одлуката официјално да биде заклучена.
Поделена земја
Пресудата за вина значи дека Болсонаро, на возраст од 70 години, може да се соочи со децении затвор. Панелот на Врховниот суд се очекува да ја разгледа казната кога сите судии ќе гласаат.
Одбраната сè уште може да поднесе жалби, но кога сите правни опции ќе се исцрпат, пресудата станува конечна и казната може да се изврши.
Судењето, кое доаѓа пред општите избори во 2026 година, длабоко го подели Бразил. За време на викендот илјадници приврзаници на Болсонаро излегоа на улиците на Денот на независноста на земјата за да протестираат против судскиот процес.
Болсонаро долго време тврди дека судењето претставува политички прогон.
Слично мислење изнесе и еден од неговите најголеми политички сојузници, претседателот на САД Доналд Трамп.
Во јули Трамп воведе тарифа од 50% за Бразил откако претходно се закани дека ќе го стори тоа ако земјата не го прекине судењето на поранешниот претседател.
Неговата администрација, исто така, го санкционираше судијата Мораес поради, како што смета, „сериозни прекршувања на човековите права“ и најави визни ограничувања за него и други судски функционери поради процесот против Болсонаро.
Приврзаниците на Болсонаро и дел од десничарите во Бразил го поздравија интересот на Трамп за случајот. Сепак, актуелната администрација во Бразилија, како и многумина во земјата, тоа го гледаат како мешање на САД во внатрешните работи на Бразил.