Свет

Три руски авиони влегле во естонскиот воздушен простор – ги пресретнале италијански авиони

Три руски авиони влегле во естонскиот воздушен простор – ги пресретнале италијански авиони

Воздушниот простор на членката на НАТО, Естонија, денеска бил нарушен од три руски воени авиони, соопшти владата на таа земја, во сè понатегната атмосфера на источниот крил на алијансата.

Инцидентот се случил нешто повеќе од една недела откако повеќе од 20 руски дронови навлегоа во полскиот воздушен простор во ноќта меѓу 9 и 10 септември, од кои некои мораа да бидат соборени од авиони на НАТО. Западните функционери тогаш оценија дека Русија на тој начин ја тестира подготвеноста и решителноста на алијансата.

Талин во петок соопшти дека три борбени авиони МиГ-31 влегле во естонскиот воздушен простор без дозвола и таму останале вкупно 12 минути.

„Русија годинава веќе четири пати го наруши естонскиот воздушен простор, што само по себе е неприфатливо, но денешното прекршување, за време на кое три борбени авиони влегоа во нашиот воздушен простор, е невидена дрскост“, изјави министерот за надворешни работи Маргус Цахкна.

Ги пресретнаа италијански авиони

„На сè посилното тестирање на границите и агресивноста на Русија мора да се одговори со брзо засилување на политичкиот и економскиот притисок“, додаде тој.

Естонската армија потврди дека руските борбени авиони биле пресретнати од италијански авиони Ф-35, стационирани во Аемари во Естонија, во рамките на мисијата за воздушен надзор над Балтичкото Море.

Естонските власти соопштија дека поднеле протест до највисокиот руски дипломат во земјата.

НАТО: Веднаш реагиравме

Портпаролката на НАТО, Алисoн Харт, исто така издаде соопштение, потврдувајќи дека НАТО реагирал на инцидентот и ги пресретнал руските борбени авиони:

„Денеска претходно, руските авиони го нарушија естонскиот воздушен простор. НАТО веднаш реагираше и ги пресретна руските летала. Ова е уште еден пример за неодговорното однесување на Русија и за способноста на НАТО да одговори.“

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни