Свет

Решена мистеријата со „Жената во розево“ откриена во Барселона пред 20 години

Решена мистеријата со „Жената во розево“ откриена во Барселона пред 20 години

Жена чие тело беше откриено во Шпанија пред повеќе од 20 години конечно е идентификувана благодарение на меѓународната полициска кампања, објавува Би-Би-Си.

Денес беше потврдено дека станува збор за 31-годишната руска државјанка Људмила Завада. Таа е третото лице идентификувано преку операцијата „Идентифицирај ме“, иницијатива започната од полицијата во 2023 година за откривање на имињата на жени убиени или пронајдени мртви под сомнителни околности низ Европа.

Валдеси Уркиза, генералниот секретар на Интерпол, кој ја води кампањата, рече дека идентификацијата ќе им даде „нова надеж на семејствата и пријателите на исчезнатите лица“ и „нови траги“ на истражителите. „По 20 години, на непозната жена ѝ е дадено нејзиното име“, додаде тој.

Полицијата ја нарече Жената во розово

Телото на Завада беше пронајдено во јули 2005 година покрај пат во покраината Барселона во североисточна Шпанија. Полицијата ѝ го даде прекарот „Жената во розово“ затоа што носеше розов цветен топ, розови панталони и розови чевли.

Локалната полиција соопшти дека причината за смртта е „сомнителна“, а доказите сугерираат дека телото било преместено во рок од 12 часа од неговото откривање. И покрај истрагите, нејзиниот идентитет остана непознат со години.

Минатата година, случајот беше вклучен во операцијата „Идентифицирај ме“, во која за прв пат беа објавени „црните потерници“ на Интерпол за барање информации за неидентификувани тела.

Истрагата продолжува

Порано оваа година, турската полиција изврши проверка на отпечатоци од прсти низ нивната национална база на податоци, откривајќи го идентитетот на Завада. Совпаѓањето потоа беше потврдено со ДНК анализа, со близок роднина во Русија. Полициската истрага за околностите на нејзината смрт е во тек.

Првата жена идентификувана преку кампањата беше 31-годишната Рита Робертс од Велс, која беше убиена во Белгија во 1992 година. Порано оваа година, беше идентификувана и Аиноха Изага Ибиета Лима (33) од Парагвај, чие тело беше пронајдено во Шпанија под „необјаснети“ околности.

Жените се особено погодени

Полицијата сè уште се обидува да идентификува уште 44 жени пронајдени мртви во Холандија, Германија, Белгија, Франција, Италија и Шпанија. Повеќето од нив биле жртви на убиство и се верува дека биле на возраст меѓу 15 и 30 години.

Интерпол соопшти дека зголемената глобална миграција и трговијата со луѓе довеле до зголемување на бројот на исчезнати лица надвор од нивните матични земји, што ја отежнува идентификацијата. Службеник од агенцијата изјави за Би-Би-Си дека жените се „несразмерно погодени од насилство врз основа на пол, вклучително и семејно насилство, сексуален напад и трговија со луѓе“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни