Македонија

Осомничениот за убиството во притвор – „Убиецот да изгние во затвор“, вели мајката на жртвата

30-дневен притвор за осомничениот за убиство на 17-годишниот Никола Христовски. Убиството се случи ноќта вторник кон среда, половина час по полноќ на улицата „Февруарски поход“ во населбата Ново Лисиче. Трагичниот настан бил резултат на расправија меѓу тинејџери. По кратко време, 18-годишниот А.Т. извадил нож и му нанел повреда на сега почитаниот, 17-годишник.

„По претходна расправија меѓу 18-годишниот осомничен и негов другар од една страна и поголема група лица од друга страна, осомничениот се дал во бегство кон зградите во населбата. Неколку лица трчале по него и во момент кога му се доближиле, тој го извадил ножот со кој на оштетениот му задал еден удар во пределот на градниот кош. Повредениот бил пренесен во болница, каде подоцна починал“, велат од ОЈО.

Мајката на жртвата, вчера преку Фејсбук статус побара сторителот да добие максимална казна.

„Денеска згасна животот на мојот син единец. Прерана и насилна смрт за ангел, кој сѐ уште не ја достигна големината на неговите крилја. Се надевам дека бар за него ќе има правда и тој што го уби моето дете никогаш нема да излезе од затвор“, напиша на социјалните мрежи мајката на Никола Христовски.

Надлежен јавен обвинител до Кривичен Суд достави предлог за одредување притвор за осомниченото лице, под опасност дека може да се даде во бегство. Судот го прифати барањето и на осомничениот му одреди 30-дневен притвор.

Со реакција излегоа и од Хелсиншкиот комитет од каде велат дека овој настан е насилна манифестација на предрасуди. Воедно ги повикаа институциите да преземат чекори за едукација на јавноста за вреностите на културната разновидност и инклузија, со посебен фокус на децата и младите луѓе.

Инаку, 17-годишниот Никола до неодамна бил член на кошаркарскиот клуб, МЗТ. Од клубот му изразија сочувство на семејството и велат дека секогаш ќе го паметат ентузијазмот и љубовта на Никола кон кошарката.

РЕПОРТЕРКА: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни