Забава

Феноменот „Chatfishing“: Зошто сè потешко е да се најде вистинска личност на апликациите

Феноменот „Chatfishing“: Зошто сè потешко е да се најде вистинска личност на апликациите

„Не беше тоа лош состанок, туку… да речеме, потпросечен. Тој беше среден, пристоен и не кажа ништо алармантно, но вечерта беше целосно разочарување по една недела интензивно допишување на Hinge. Каде исчезна оној шармантен и духовит маж поради чии пораки постојано го проверував мобилниот?“

Вака започнува приказната на една девојка која по три чаши вино сфатила дека нејзиниот соговорник едвај составува реченици и се мачи со најобични прашања. Чувството било како да седи со потполн туѓинец. Тогаш ѝ синало: цело време флертувала со ChatGPT.

Добредојдовте во светот на „chatfishing“, најновиот тренд во онлајн запознавањето кој полека, но сигурно ги уништува и последните остатоци од доверба во апликациите. Не станува збор само за користење на вештачка интелигенција (AI) за заведување, туку за создавање на „подобрени“ верзии од себеси. Денес, на апликациите можете да запознаете маж кој е само евтина копија на она што го гледате на неговиот профил.

Кога фотографиите лажат

„Ова е нешто што го гледам сè почесто“, вели новинарката Алис Фарер за News.com.au, опишувајќи го својот пример со извесен Мич. Неговиот профил на Bumble изгледал совршено: згоден, со широки раменици, исончан, вработен во корпорација, викендите ги минува на брод. Но, четвртата фотографија ја открила вистината.

„Останатите слики имаа чуден, заматен сјај, но оваа беше остра и реална. Косата не му беше толку густа, очите беа повдлабнати, а брадата неуредна. Тоа беше вистинскиот Мич. Оној исончан фраер на брод во стилот на Џејмс Бонд? Сето тоа беше генерирано од вештачка интелигенција“, објаснува таа.

Денес постојат безброј апликации кои ветуваат трансформација на профилот преку ултрареалистични фотографии. Една страница тврди дека нивните AI фотографии „значително ќе ги зголемат шансите за состанок“, додека друга ветува дека ќе го „откријат вашето најдобро јас“ и ќе го „удвојат бројот на совпаѓања (matches)“.

И кога разговорот е лага…

Ова не е само еволуција на Facetune или обичен филтер за омекнување на цртите на лицето. Ова е создавање на потполно друга личност со измислен начин на живот. Станува збор за вознемирувачка фабрикација која, за жал, станува секојдневие.

Некои одат и чекор понатаму, па целиот разговор му го препуштаат на алгоритмот.

„Се чувствував како во кошмар, обидувајќи се да разговарам со вистинска личност, додека всушност комуницирав со алгоритам чија единствена цел беше да ми одговори токму онака како што мислеше дека сакам да слушнам“, вели Алис. „Вештачката интелигенција ги затру труе изворите на комуникација, создавајќи чувство на недоверба. Сега секој профил го подложувам на детална анализа и знам дека не сум единствената која се чувствува исцрпено“.

Идентификувањето на „совршениот“ профил станува вистинска детективска работа. Бидејќи технологијата напредува, разликите се суптилни, но сепак постојат одредени „црвени знамиња“ на кои треба да обрнете внимание.

Еве како да ги препознаете вештачките фотографии и разговори:

1. Како да ги „прочитате“ фотографиите?

Иако AI е одличен за портрети, тој сè уште прави грешки со деталите во позадината и физиологијата:

  • Премногу совршена кожа: Ако кожата изгледа како пластика или како нацртана со воздушна четка (airbrush), без ниту една пора, брчка или ситна дамка, веројатно е AI.
  • Проблемот со рацете и прстите: Вештачката интелигенција сè уште често греши со бројот на прсти или начинот на кој раката држи предмет (на пр. чаша или телефон). Прстите може да изгледаат премногу долги или споени.
  • Нелогична позадина: Погледнете ги линиите на зградите, оградите на бродот или буквите на знаците зад личноста. Ако се закривени, нејасни или изгледаат како „истопен“ надреализам, фотографијата е генерирана.
  • Ист израз на лицето, различна облека: Ако на сите слики личноста има идентична насмевка и агол на главата, но се менуваат само локациите и облеката, тоа е знак дека е користен еден модел за генерирање на различни сценарија.

2. Како да го препознаете ChatGPT во разговорот?

Разговорот со алгоритам има специфичен ритам кој на почетокот изгледа шармантно, но брзо станува монотон:

  • Претерана учтивост и правилна граматика: Луѓето вообичаено користат жаргон, кратенки и прават случајни печатни грешки. Ако пораките се секогаш граматички совршени и звучат како од прирачник за самопомош, бидете внимателни.
  • Избегнување на конкретни локални детали: Ако го прашате „Кое кафе во скопско Дебар Маало ти е омилено?“, AI може да даде општ одговор (на пр. „Ги сакам местата со добра атмосфера“) наместо да наведе конкретно место.
  • Повторување на фрази: Алгоритмите често ги започнуваат речениците на сличен начин или ги парафразираат вашите прашања за да изгледаат како да ве слушаат внимателно.

3. Најдобриот тест: „Аналогна“ проверка

Ако се сомневате, наједноставниот начин да ја откриете вистината е да излезете од рамките на пишаниот текст:

  • Побарајте „специфично“ селфи: Побарајте да ви испрати фотографија на која држи лист хартија со вашето име или прави специфичен гест (на пр. „покажи три прста“). AI тешко може да го изведе ова набрзина.
  • Видео повик: Ова е „криптонитот“ за chatfishing. Само две минути видео разговор во живо ќе ги потврдат или демантираат сите ваши сомнежи.
  • Гласовна порака: Слушањето на гласот, интонацијата и брзината на одговарање е многу потешко да се лажира во реално време отколку пишаниот текст.
Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни