Поранешниот антикорупционер Шемси Салаи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изнесе сериозни забелешки за урбанистичкото планирање во Скопје, тврдејќи дека повеќе детални урбанистички планови (ДУП) не биле усогласени со Генералниот урбанистички план (ГУП).
Салаи посочи дека вакви неправилности биле утврдени на повеќе локации, меѓу кои и просторот на поранешната фабрика „Треска“, како и делови од општините Карпош и Центар, каде во изминатиот период се реализираат интензивни градежни активности.
Тој нагласи дека уште тогаш биле иницирани постапки и била побарана поширока анализа на просторното планирање, со цел развојот на градот да се одвива плански и одржливо.
„Не бевме против изградба, туку таа да биде соодветно планирана – градот да ‘дише’, да има простор за движење. Но денес гледаме урбан хаос“, истакна Салаи.
Според него, и покрај поднесените иницијативи за повеќе случаи, не било добиено соодветно постапување од обвинителството, ниту пак конечна разрешница, што, како што рече, остава впечаток дека предметите биле заташкани.
Салаи додаде дека клучниот проблем лежи во недостигот на политичка волја кај институциите да постапуваат согласно законите.
„Институциите треба да ги применуваат законите, а доколку има недостатоци, да иницираат нивни измени. Но без волја за постапување, системот не функционира“, заклучи тој.