4NEWS.mk

Села обвинува: Владата планира девијација на Коридор 8 поради УНЕСКО, противно на геостратешките интереси

Села обвинува: Владата планира девијација на Коридор 8 поради УНЕСКО, противно на геостратешките интереси

Пратеникот Зијадин Села денеска на прес-конференција обвини дека Владата се подготвува да ја промени трасата на Коридор 8, напуштајќи го предвидениот правец, како оправдување наведувајќи заштита на подрачјето под УНЕСКО.

„Владата се подготвува да направи девијација на Коридор 8, наместо да го реализира проектот кој е од огромно значење за економијата на Северна Македонија и за нашата геополитичка и геостратешка улога во НАТО, бидејќи коридорот го поврзува Црно со Јадранското Море. За жал, премиерот најави дека изградбата нема да се реализира поради наводни проблеми со УНЕСКО“, рече Села.

Тој додаде дека најавите за стопирање на делницата Требеништа–Ќафасан не се реална пречка, туку продолжување на политиките од времето на Никола Груевски. Првото отстапување од оригиналната траса, според него, се случило уште во 2014 година со проектот за автопатот Кичево–Охрид.

Села оцени дека аргументот за измена на трасата поради УНЕСКО не е поткрепен, бидејќи планот за автопатот Требеништа–Ќафасан се наоѓа најмалку еден километар од Охридското Езеро, додека сегашната траса кон Охрид се приближува на десетици метри од езерото.

Тој исто така посочи на бројните дивоградби и угостителски објекти на крајбрежјето, кои, според него, претставуваат вистинска закана за статусот под УНЕСКО.

„Ја повикувам меѓународната заедница да интервенира, бидејќи овие одлуки се во спротивност со геостратешките интереси на НАТО“, додаде Села.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни