На територијата на Национален парк Маврово е воспоставен нов систем за видео надзор на 60 локации, со цел подобра заштита на природата, дивиот свет и посетителите, информираат од управата на паркот.
Од установата посочуваат дека оваа мерка е дел од нивните законски надлежности за заштита и унапредување на природните вредности, како и за одржливо управување со биолошката разновидност и екосистемите во паркот. Системот за надзор ќе овозможи континуирано следење на состојбите на терен и побрза реакција при евентуални закани.
Камерите се поставени со повеќекратна намена – за мониторинг на дивите животни, следење на нивната бројна состојба, но и за превенција и рано откривање на незаконски активности. Меѓу нив се бесправна сеча, нелегален лов, загадување и уништување на природните ресурси, активности кои претставуваат сериозна закана за животната средина.
Дополнително, од паркот нагласуваат дека видео надзорот ќе придонесе за подобро разбирање на движењето и навиките на дивите видови, што е од особено значење за нивна заштита и зачувување.
Воедно, апелираат до посетителите да се придржуваат кон правилата за движење и престој, да ја почитуваат природата и да постапуваат одговорно, со цел зачувување на ова значајно природно богатство за идните генерации.
Од установата информираат дека дел од снимките од диви животни, направени со новиот систем, ќе бидат споделени со јавноста, како дел од напорите за подигнување на свеста за заштита на природата.