Македонија

Одбраната на „Онкологија 2“ приговара на доказите и бара укинување на притворот

Одбраната на „Онкологија 2“ приговара на доказите и бара укинување на притворот

На денешното продолжение од судењето за предметот „Онкологија 2“ во Основниот кривичен суд Скопје, одбраната на обвинетите приговори на доказите на обвинителството, оценувајќи дека станува збор за незаверени копии без доказна вредност. Барањата вклучуваа и укинување на притворот за двајцата екс директори на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) и негово заменување со домашен притвор, како и повлекување на паричната казна за адвокатката Анита Бегова.

Адвокатката Бегова посочи дека материјалните докази треба да бидат во оригинал или заверени копии согласно Законот за кривична постапка, со цел да се обезбеди автентичност и веродостојност. Таа истакна дека користењето незаверени документи би претставувало суштествена повреда на кривичната постапка.

Второобвинетиот Нехад Нухи, како и бранителите на обвинетите, побараа укинување на притворот и замена со домашен притвор, посочувајќи дека им е потребно време за подготовка на одбраната и грижа за семејството, нагласувајќи дека немаат намера да бегаат.

Обвинението остана на ставот дека документацијата е навремено и уредно доставена, додека судијката одлучи доказите да се читаат во судница, со цел да се избегне одолговлекување на постапката.

Во предметот „Онкологија 2“, Никола Васев и Нехад Нухи се обвинети дека од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што, според обвинението, го оштетиле државниот буџет за околу 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни