Пет месеци по седницата на собраниската Комисија, одржана по претставката на Здружението „16 Март 2025“, родителите на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани сè уште бараат одговори и одговорност. На седницата, обележана со силни емоции, солзи и сведоштва за болката што ја живеат семејствата, тие јавно ги прашаа власта и опозицијата зошто, како што велат, биле изманипулирани.
Според родителите, и власта и опозицијата со различни изговори ја избегнуваат вистината со цел да се заштитат себеси и политичките структури.
Томче Стојанов, родител на едно од загинатите деца, за ТВ24 посочи дека институциите не покажале вистинска волја за расчистување на трагедијата.
„Прво отидоа на одмор… Гледаме дека сме изманипулирани. Од сè што беше кажано и ветено, ништо суштинско не излезе на виделина. На постојаната анкетна комисија ги изнесовме сите наши болки, неправди и пеколот низ кој поминуваме повеќе од една година, а сè уште нема никакви заклучоци. Не можат да се усогласат за трагедија што ја виде целиот свет. Кај нас се прави театар. Срам да им е и на власта и на опозицијата“, рече Стојанов.
Родителите повторуваат дека не бараат политички пресметки, туку правда и системски промени што ќе спречат вакви трагедии да се повторат. Велат дека секојдневно се соочуваат со нови разочарувања и чувство дека институциите намерно ја одолговлекуваат постапката.
„Намерното саботирање на нашата ситуација нè погодува и револтира. Нашите животи и онака се уништени, а со оваа неправда секој ден доживуваме нови уништувања“, вели Стојанов.
Кочани, според семејствата, повеќе не е истиот град по 16 март 2025 година. Пораката „Системот ни ги уби децата“ и понатаму одекнува низ улиците, а родителите нагласуваат дека нивните деца не заслужиле да загинат во услови на екстремно високи температури, предизвикани од, како што велат, корупција, негрижа и нефункционален систем.
„Овој пекол создаден од парите, митото и корупцијата го живееме секој ден. Некој им пресуди на нашите деца и им го одзеде основното право на живот. А сега сите се тргаат и велат дека не сносат одговорност. Што уште треба да се случи?“, прашува Стојанов.
Во меѓувреме, собраниските комисии поврзани со трагедијата остануваат без конкретен епилог. Постојаната анкетна комисија, со која претседава лидерот на Димитар Апасиев, сè уште нема усвоено заклучоци. Од Левица тврдат дека седниците не се закажуваат бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не обезбедува кворум.
Во застој е и анкетната комисија што треба да расправа за пожарот во „Пулс“, модуларната болница во Тетово, како и автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија. Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Венко Филипче, изнесоа различни ставови околу функционирањето на комисијата.
Иако Филипче во неколку наврати најавуваше дека СДСМ „веднаш“ ќе предложи свои членови, засега, како што изјави, чека официјален допис од собранискиот спикер. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека новата анкетна комисија не може да започне со работа без претходно да се усогласат заклучоците од комисијата предводена од Апасиев. Досега, свои членови и заменици предложи единствено Левица.
Извор: 24.mk