Во заедничка и координирана акција на македонската и српската полиција, во Скопје е лишен од слобода српскиот државјанин С. М. (42), кој се сомничи за подготовка на платено убиство.
Според надлежните институции, неговото лоцирање е резултат на долготрајна оперативна соработка и размена на информации меѓу српската Служба за сузбивање на криминалот (УКП) и македонското Министерство за внатрешни работи.
Осомничениот бил пронајден во т.н. „засолниште“ во главниот град, каде при полициска рација биле откриени оружје и тактичка опрема. Меѓу запленетите предмети се пиштол од марка „CZ“, воен нож и црна тактичка униформа.
Истрагата утврдила дека С. М. ја преминал границата нелегално, а кај него била пронајдена и лична карта на друго лице од Србија, која ја користел за прикривање на својот вистински идентитет.
Оперативните сознанија укажуваат дека 42-годишникот е дел од организирана криминална група и дека во Скопје бил испратен со задача да изврши ликвидација.
Во моментов, истражните органи работат на утврдување на потенцијалната цел на планираниот напад, како и на лицата кои му обезбедиле логистичка поддршка за време на неговиот престој во Северна Македонија.